Обезбедени се и се прегледуваат снимки од камери за видеонадзор
Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази во врска со синоќешната престрелка во скопски Чаир во која загина едно, а повредени се две лица. На местото е извршен увид од страна на дежурен јавен обвинител од скопското обвинителство, од каде што се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење.

Обезбедени се и се прегледуваат снимки од камери за видеонадзор.
„Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините. Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
Претходно денеска, од Министерството за внатрешни работи информираа за престрелката која синоќа околу полноќ се случила во Чаир, а на која ѝ претходела расправија поради недоразбирање во сообраќајот. Во врска со случајот приведени се неколку лица.