Во врска со заканите по живот, за кои градоначалничката на Град Скопје рече дека ги добива, Обвинителството се понуди да ја сослуша за сите сомнежи што ги има и да ги провери сите околности
Ако градоначалничката на Град Скопје има сознанија за сторено кривично дело, таа како службено лице има обврска истото да го пријави – порачаа претпладнево од Јавното обвинителство, во врска со наводите на Данела Арсовска за дивоградби во скопски Чаир, како и за нивна легализација направена со фалсификување документи.

Пред два дена градоначалничката дополнително алармираше дека, според нејзини информации, во Општина Чаир активно се уништуваат докази за фалсификатите и дивоградбите.
Во врска со ваквите наводи, ОЈО Скопје денеска ја повика Арсовска да соработува со Обвинителството и да посочи кај кои конкретни парцели или објекти се откриени сомненија за незаконитости.
„Тоа е неопходно за Обвинителството да може да постапува и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“,
велат од Обвинителството.
Оттаму повторија дека ОЈО Скопје веќе постапува за случајот по доставено известување од СВР Скопје и дека во оваа насока се издадени повеќе наредби по кои се преземаат дејствија.
Во врска со заканите по живот, за кои градоначалничката Арсовска рече дека ги добива, Обвинителството се понуди да ја сослуша за сите сомнежи кои ги има и да ги провери сите околности.
„Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат. ОЈО Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“,
наведуваат од Обвинителството.
Скопската градоначалничка вчера во гостување на Телевизија 24 објави дека добива закани по живот.
„Се утепаа заканувајќи ми се. Ќе ме утепаат… Може ќе живеам уште шест дена, може уште шест месеци, јас не знам. Ама ми се закануваат“,
рече Арсовска во синоќешното гостување на ТВ 24.