Обвинителството смета дека пратениците отишле да гласаат во парламентот согласно протоколите и заедно со Џафери не прекршиле ниту еден пропис. На одлуката на Основното јавно обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ има право во рок од 8 дена да се жалат до Вишото јавно обвинителство Скопје
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги отфрли кривичните пријави на ВМРО-ДПМНЕ и Левица против претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, кои беа позитивни на ковид-19, но дојдоа во парламентот со своите гласови да обезбедат мнозинство за носење на економскиот антикризен пакет мерки.
Двете опозициски партии ги пријавија за делата непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и за пренесување заразна болест, а од Обвинителството велат дека тоа не се кривични дека што се гонат по службена должност. ОЈО Скопје утврдило и дека протоколите од Комисијата за заразни болести биле испочитувани и спикерот и двајцата пратеници не прекршиле ниту еден пропис.
„На седниците присуствувале двајцата пријавени пратеници, кои во тој момент биле позитивни на ковид-19, имале решенија за изолација и биле во домашна изолација без изразена клиничка симптоматологија. Но, од ниту еден доказ не произлезе дека тие презеле дејствија со кои ги прекршиле или не постапиле согласно прописите и наредбите издадени од надлежен орган и со тоа предизвикале пренесување заразна болест и нарушување на здравјето на населението. Пријавените постапиле согласно протоколот за работа во услови на пандемија донесен од Комисијата за заразни болести на 30.7.2020 година, како и дополнувањето на овој протокол од 17.11.2020 година. Од тие причини, по анализа на пријавите, прилозите кон нив и прибавената документација, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани елементите на наведените кривични дела ниту пак друго дело кое се гони по службена должност“,
велат од ОЈО Скопје.
На одлуката на основното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ има право во рок од 8 дена да се жалат до Вишото јавно обвинителство Скопје.
Пред да ја донесе одлуката за отфрлање на кривичните пријави, од ОЈО Скопје потенцираат дека доставиле барања за доставување на записникот од надзорот на Државниот инспекторат за труд, како и до Собранието за да ги појаснат фактите.
„Собранието достави известување во кое се наведува дека двајцата пратеници на денот на одржување на седницата, дошле во Собранието без клиничка симптоматологија со сопствен превоз. Влезот, движењето и сместувањето во просториите за гласање, како и излезот на пратениците биле спроведени во согласност со одобрените протоколи од страна на Комисијата за заразни болести. И при извршениот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд било констатирано дека нема забелешки“,
велат од Обвинителството.
Отфрлена и кривичната против Собранието
За овој настан имаше и кривична пријава против Собранието како правно лице. Парламентот беше пријавен за три кривични дела: пренесување заразна болест; непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и тешки дела против здравјето на луѓето.
И оваа кривична е отфрлена бидејќи Собранието е државен орган.
„Јавниот обвинител донесе решение за отфрлање, имајќи го предвид член 28-а став 3 од Кривичниот законик, согласно кој кривично се одговорни сите правни лица со исклучок на државата. Во конкретниот случај постојат други околности кои го исклучуваат кривичното гонење бидејќи Собранието е државен орган и носител на законодавната власт“,
велат од ОЈО Скопје.