Во описот на делото, од Обвинителството велат дека осомничениот со омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија, при што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се оддалечил во непознат правец
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара притвор за осомничениот 55-годишен маж што пред два дена го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје.

Јавен обвинител достави предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор на осомничениот оти постојат околности што укажуваат на опасност од негово бегство и околности што го оправдуваат стравувањето дека тој ќе го повтори кривичното дело.
ОЈО Скопје денеска информира дека поведе постапка против 55-годишен маж осомничен за кривичното дело – оштетување туѓи предмети.
Во описот на делото, од Обвинителството велат дека осомничениот со омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија, при што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се оддалечил во непознат правец.
Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека е приведено лицето кое го скрши стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје. Станува збор за 54-годишниот Ш. А.
„Денеска (12.01.2026) во 12:40 часот на ул. ‘Кирил и Методиј’ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар го лишија од слобода Ш. А. (54) од Скопје, затоа што вчера (11.01.2026) го оштети стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Веднаш по добиената пријава, беа преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот и Ш .А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“,
информираа од МВР.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера изјави дека се работи за изолиран случај и дека надлежните институции експресно работат на расветлување на целиот случај.
Бугарската амбасада во Македонија завчера објави снимка од видеонадзор на која се гледа како е скршено стаклото на влезната врата на Амбасадата во Скопје.
