Двајцата осомничени се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за нив обвинителството побарало најстрога мерка на обезбедување, а штипскиот суд го прифатил барањето и им одредил 30-дневен притвор
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип отвори истрага за двајца осомничени за сообраќајката пред два дена во штипската населба Македонка во која загина брачен пар.
Брачниот пар критичната ноќ се возел во автомобил „југо“, а како осомничени во истрагата се две лица кои управувале со два други автомобили. Според соопштението на ОЈО Штип, двајцата осомничени со своите возила заедно тргнале од бензинска станица, се движеле со поголема брзина од дозволената и кога се доближувале до крстосницата каде што се случи сообраќајката почнале да се претекнуваат и ја зголемиле брзината.
Од спротивната страна на улицата, пак, доаѓало „југото“ во кои биле загинатите сопружници.
„Двајцата осомничени, во вечерните часови на 31 мај, предизвикале тешка сообраќајна несреќа со смртни последици. Првиот осомничен управувал автомобил ’опел астра‘, а вториот осомничен – автомобил ’сеат леон‘, тргнувајќи истовремено од бензинска пумпа на кружниот тек на влезот на Штип. Со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата ’Брегалничка‘, еден зад друг. Доближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Во тој момент, во таа лента се движел автомобил ’југо‘, во кој се превезувале двајца сопружници. Возачот на автомобилот ’југо‘ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил. Како резултат на судирот и здобиените повреди, во несреќата починале двајцата сопружници“,
објаснуваат од ОЈО Штип.
Двајцата осомничени се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за нив обвинителството побарало најстрога мерка на обезбедување, а штипскиот суд го прифатил барањето и им одредил 30-дневен притвор.