Оттаму велат дека поради заштита на личните податоци адресата е покриена, но дека тоа е официјалната адреса на конкретното лице. На фотографијата од поканата се гледа дека таа е испратена на 24 февруари годинава со архивски број од ОЈО Штип, а датумот на нејзиното (не)доставување е 26 февруари годинава
Откако Основното јавно обвинителство Штип (ОЈО Штип) денеска објави дека истрагата против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, е во финална фаза и дека му е испратена покана да даде исказ во своја одбрана, но оти е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена во полномоштвото и во системот на Министерството за внатрешни работи (МВР), попладнево оттаму истратија фотографија од поканата како потврда за неуспешната достава.
„Поради интересот на јавноста, ОЈО Штип ја објавува потврдата од неуспешната достава за распит на г-динот Хајрулахи“,
велат од ОЈО Штип.

Оттаму велат дека поради заштита на личните податоци адресата е покриена, но дека тоа е официјалната адреса на конкретното лице.
На фотографијата од поканата се гледа дека таа е испратена на 24 февруари годинава со архивски број од ОЈО Штип, а датумот на нејзиното (не)доставување е 26 февруари годинава.

Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во скопското Вишо јавно обвинителство, откако против него беше отворена истрага за сторено продолжено кривично дело малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Инаку, Хајрулахи поднел кривична пријава против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тој ова го потврдил за државната новинска агенција МИА, а освен против Коцевски со пријавата се опфатени и јавната обвинителка во Основното јавно обвинителство Штип, Татјана Кацарова, вишиот јавен обвинител во ВЈО Штип, Ристо Бојаџиски, како и членот на Советот на јавни обвинители, Ермон Незири.
Пријавата, како што се наведува, се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, според членот 353 од Кривичниот законик.
На прашање од медиумите, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево одговорија дека до овој момент таква пријава не е примена, а доколку во меѓувреме стигне, ќе биде распределена кај надлежен јавен обвинител.
„Основното јавно обвинителство Штип ја известува јавноста дека во постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза. Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“,
велат од Јавното обвинителство.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во ноември минатата година информираа дека е отворена истрага против јавен обвинител.
Тогаш потврдија дека наредбата за спроведување на истражната постапка ја донело Основното јавно обвинителство Штип, а јавниот обвинител против кого таа е насочена е осомничен за две кривични дела – малтретирање во вршење на службата според член 143 од Кривичниот законик и злоупотреба на службената положба и овластување од член 353. И во двата случаи, како што стои во соопштението, станува збор за продолжени кривични дела, што значи дека осомничениот јавен обвинител во извесен временски период делата ги вршел во континуитет.
Од републичкото Јавно обвинителство, согласно праксата, не го објавија името на обвинителот, но повеќе од извесно беше дека станува збор за шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи.
Од државното Јавно обвинителство информираат и дека додека трае истражната постапка, јавниот обвинител ќе биде оддалечен од извршување на функцијата.
Инаку, неодамна Владата го усвои предлогот со кој се бара разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и го испрати во Советот на јавните обвинители, кој има рок од 15 дена да даде мислење по него, по што постапката продолжува во Собранието.