Обвинителството смета дека условната казна за експретседателката на УО на Фондот за здравство не соодветствува на делото и бара построга санкција
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје за Елена Трпковска, поранешната претседателка на Управниот одбор на Фондот за здравство, која е една од обвинетите во случајот со лекувањето на малата Тамара Димовска од Велес која почина пред повеќе од 5 години чекајќи одлука за лекување во странство.

Во жалбата Обвинителството бара построга санкција од онаа што ѝ ја изрече судот на Трпковска на почетокот на овој месец – условна казна од една година која нема да се изврши доколку обвинетата во рок од три години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Од Обвинителството посочуваат дека во жалбата надлежниот јавен обвинител оценува дека првостепениот суд правилно ја оценил фактичката состојба кога нашол дека кај дејствијата на обвинетата се содржани елементите на кривичното дело несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, но сметаат дека изречената казна не е адекватна на стореното кривично дело и не води до остварување на целите на казнувањето, во смисла на специјална и генерална превенција на ваков вид кривични дела.
Во предметот за лекувањето на девојчето Тамара Димовска, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против вкупно 12 лица за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинителството постапуваше по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и законскиот застапник на оштетеното дете, сега починатата Тамара Димовска од Велес.
Обвинителството во истрагата утврди дека обвинетите пет члена од Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и спротивно на мислењето на стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛУЦ. Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на ФЗО донеле Решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото Решение било потврдено и од обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор, објаснуваат од ОЈО.
Постапката за Трпковска на нејзино барање поради здравствени причини Судот ја раздвои и на 8 овој месец донесе првостепена пресуда, што е и прва пресуда во овој случај.
Против останатите 11 обвинети лица, кривичната постапка пред Основниот кривичен суд Скопје продолжува и е во фаза на доказна постапка, при што се изведуваат доказите по предлог на одбраната.
