Додека го делела ручекот за децата во групата, 48-годишната воспитувачка со метална супена лажица го удрила детето по главата, нанесувајќи му телесна повреда – нагмечно-расцепна рана на темето
Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против едно лице, воспитувачка во градинка која лани повреди дете.
Таа се товари за кривично дело насилство врз дете од член 201-а од Кривичниот законик.
Според ОЈО, на 01.09.2021 година, 48-годишната воспитувачка во градинка во Автокоманда извршила физичко насилство спрема дете оставено на грижа и чување во објектот, со тоа што додека го делела ручекот за децата во групата, со метална супена лажица го удрила детето по главата, нанесувајќи му телесна повреда – нагмечно-расцепна рана на темето.