Според информациите од Обвинителството, настанот се случил на 19 и 20 февруари во нивната семејна куќа во Свети Николе
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Свети Николе поднесе обвинение против 21-годишно лице кое се товари за брутално семејно насилство и противправно лишување од слобода на неговата бремена партнерка. Паралелно, надлежниот обвинител до Судот доставил и предлог за одредување мерка притвор.

Според информациите од Обвинителството, настанот се случил на 19 и 20 февруари во нивната семејна куќа во Свети Николе. Откако првично почнал да ја навредува оштетената, со која живеел во заедница, обвинетиот физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници.
„Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото“,
велат од Основното јавно обвинителство.
Откако жртвата, која се здобила со повеќе телесни повреди, се обидела да побегне, насилникот ѝ го одзел мобилниот телефон. Според обвинението, тој потоа ја заклучил во спалната соба каде ја држел затворена цели 15 часа против нејзина волја. Од Обвинителството додаваат дека во меѓувреме се вршат дополнителни проверки за евентуални други злоупотреби од истото лице врз оштетената, кои произлегле од нејзиниот исказ даден пред надлежните органи.
