Од обвинетите, двајцата македонски граѓани се наоѓаат во домашен притвор, додека пак двете лица од Косово и Грција се во бегство од денот на настанот
Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против четири лица за организирање борба меѓу кучиња и сурово постапување со животни. Во обвинението се опфатени грчки државјанин, косовски државјанин, како и двајца Македонци кои ќе одговараат за кривичното дело „убивање и мачење животни“ согласно членот 233 од Кривичниот законик.

Според обвинението објавено од Обвинителството утринава, на први ноември во селото Црнеец, во близина на Битола, првоосомничениот грчки државјанин кој воедно е сопственик на куче од расата „пит бул“, организирал борба со куче од расата „американски стафорд“, во сопствеништво на косовски државјанин. Борбата се одвивала во дворот на еден од осомничените, каде претходно бил подготвен импровизиран ринг. За време на настанот, присуствувале и неколку лица од Косово, Грција и Македонија кои биле затекнати на лице место, а кај кои биле пронајдени пари во евра и денари за кои постои основан сомнеж дека биле наменети за обложување на борбата.
„Во борбата, тешко било повредено кучето „пит бул“, кое добило угризни рани и тешки повреди на главата, со знаци на трауматски шок. Истрагата покажала дека во дворот постоел подготвен ринг за борби со кучиња и дека таму претходно се одржувале слични настани. При претресот биле пронајдени и лекови за третман на повредени животни, што дополнително го поткрепува сомнежот за организирана активност“,
се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Јавен обвинител побара продолжување на куќниот притвор за двајцата македонски државјани. Двајцата странски државјани се недостапни на органите на прогонот и се во бегство од денот на настанот. Доколку тие не бидат обезбедени до почетокот на судскиот процес, обвинителството најави дека ќе предложи да им се суди во отсуство.
