Обвинителството утврдило дека службените лица свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, со што овозможиле осомниченото правно лице да се јави како единствен понудувач и да се стекне со противправна имотна корист од големи размери
Од Управата за финансиска полиција, пак, информираа дека до Основното јавно обвинителство Битола (ОЈО) доставила кривична пријава против осум физички лица и едно правно лице за злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК „Битола“

Основното јавно обвинителство Битола (ОЈО) донесе наредба за спроведување истражна постапка против осум физички лица и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со злоупотреби при јавни набавки во РЕК „Битола“.
Истрагата, која по наредба на јавен обвинител ја презеле од Управата за финансиска полиција, обезбедила докази за основано сомневање дека се извршени повеќе кривични дела.
Петмина осомничени, тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК „Битола“, се сомничат дека во 2023 година сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Тие организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК „Битола“, спротивно на основниот рударски проект и потребите на рудникот „Живојно“.
Обвинителството, како што се додава во соопштението, утврдило дека службените лица свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот „Живојно“ до местото за дробење и до ПК Брод –Гнеотино не е предвидена метода со континуирана технологија односно со ленти и роторни багери, туку дисконтинуирана со камиони, булдожери и багери.
Со ова, додаваат од Обвинителството, овозможиле осомниченото правно лице да се јави како единствен понудувач и да се стекне со противправна имотна корист од големи размери.
Тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК „Битола“ се осомничени и за измама во службата. Тие, иако знаеле дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици во периодот од 26 февруари до 17 јули 2024 година.
Сопственикот/управител на осомничената фирма и едно лице вработено во неа, пак, се сомничат за злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство, бидејќи доставувале фактури врз основа на кои од РЕК „Битола“ незаконски наплатиле 106 200 000 денари со вклучен ДДВ, што е околу 1,7 милиони евра.
Од Управата за финансиска полиција, пак, информираа дека до Основното јавно обвинителство Битола (ОЈО) доставила кривична пријава против осум физички лица и едно правно лице за злоупотреби поврзани со јавни набавки во РЕК „Битола“.
Кривичната пријава се однесува на две кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на постапка за доделување на договор за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
Меѓу осомничените се петмина поранешни и актуелни раководни лица од подружницата РЕК „Битола“ – Новаци и ПЕ Рудници.
Од Финансиска велат дека осомничени се П. М., во својство на директор на РЕК „Битола“ во периодот од 24.11.2021 до 03.09.2024 година; Д. В., технички директор на ПЕ Рудници; Д. П., технички директор на рудници во РЕК „Битола“ – Новаци; В. Ј., помошник-директор на производство во РЕК „Битола“ – Новаци и Б. Ч. и А. Ј., раководители во Секторот за производство во ПЕ Рудници во рудникот Брод – Гнеотино и рудникот „Суводол“.
Кривична пријава е поднесена и против правното лице ДТПУ „Марковски компани Борче“ ДООЕЛ Битола и две лица од оваа компанија – Б. М., во својство на управител и сопственик, и А. З., вработен во фирмата.
Од Обвинителството рекоа дека јавниот обвинител до Основниот суд Битола денеска ќе достави предлог за одредување мерка притвор за две лица – сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници.
За две други раководни лица од РЕК „Битола“ и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот.
Оттаму додаваат дека поранешниот директор на РЕК „Битола“ веќе се наоѓа во притвор по друга постапка и оти уште едно службено лице од Комбинатот во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.
Претходно, „360 степени“ објави дека бизнисменот Борче Марковски е уапсен денеска заедно со уште седум други лица. Еден од уапсените е вработен во неговата компанија „Марковски компани“ ДООЕЛ, додека другите се од РЕК „Битола“, поранешниот директор Пеце Матевски, технички директори и еден помошник-директор.