Градоначалникот и кандидат за претседател на државата вели дека власта преку некакви неосновани кривични пријави за наводна злоупотреба на службена положба и овластување се обидува да го дискредитира и девалвира во очите на јавноста пред претстојните претседателски избори
Од двете фирми врз основа на чии кривични пријави е поднесено обвинението, пак, велат дека претрпеле штета од 55 000 евра затоа што кумановскиот градоначалник не им издал решение за наплата на комуналии за изградба на зграда според важечки детален урбанистички план
Кумановското Основно јавно обвинителство поднело обвинение против актуелниот градоначалник на градот и кандидат на Движењето ЗНАМ за претседател на државата на претстојните избори, Максим Димитриевски, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинението што против кумановскиот градоначалник го поднел обвинителот на ОЈО Куманово, Иса Сулјемани се заснова на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки детален урбанистички план. Со тоа, како што велат тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55 000 евра.
Од друга страна, градоначалникот и кандидат за претседател на државата вели дека власта преку некакви неосновани кривични пријави за наводна злоупотреба на службена положба и овластување се обидува да го дискредитира и девалвира во очите на јавноста пред претстојните претседателски избори.
Тој денеска на прес-конференција, изјави дека во врска со случајот за кој е обвинет постои стручно мислење од експерти кое обвинителот не го зел предвид. Вели дека станува збор за случај кој се води пред Основното јавно обвинителство Куманово во кој ден од подносителите на кривичната пријава е потврден финансиер на една од актуелните партии на власт кој има личен интерес да изгради станбен објект од 11 ката на локација за која, како што вели Димитриевски, има известување од две институции – гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствениот дом Куманово дека со градбата им е загрозен јавниот интерес.
„Во овој случај постои стручно мислење од еминентни стручни лица кои што го потврдиле јавниот интерес и истата постапка е во тек. Дополнително, во континуитет врз мене се вршат различни форми на притисок и различни обиди за да се издејствува да се обезбеди градежна дозвола. Тоа е глобален случај, каде за жал има инволвирано и лица, носители на највисоко ниво на функции во државата, а дополнително и лица кои што одлучуваат во работењето на Уставниот суд“,
изјави Димитриевски на прес-конференцијата.

Според него, обвинителот Иса Сулејмани во случајот постапува целосно пристрасно и своеволно поднел обвинителен поднесок против него до Кривичниот суд во Куманово, иако, како што вели, неговиот адвокатски тим побарал да биде изземен од предметот.
Од фирмите „Де лукс ауто“ и „Хромак“, пак, за ТВ Телма велат дека претрпеле штета од 55 000 евра затоа што кумановскиот градоначалник не им издал решение за наплата на комуналии за објектот, кој според нив не е висококатница, туку зграда до седум ката, оддалечена 150 метри од гимназијата. Тие негираат дека се спонзори на политичка партија и го обвинуваат Димитриевски дека не го почитува законот за градење и одлуките на Уставниот суд.
„Човекот не почитува ниту една институција, ниту еден суд. Сите негови одлуки што ги носеше ние ги обжалувавме до институциите каде што имаме правна поука. Три пати второстепениот орган, Министерството за транспорт и врски му ги поништуваше одлуките, два пати највисокиот судски орган – Уставниот суд му ги поништи одлуките, Управниот суд донесе правосилна пресуда. Ништо не сака човекот да почитува. Ние, бизнис-секторот во Куманово, живееме во голгота“,
вели за ТВ Телма, Бобан Спасовски од фирмата „Де лукс“ Куманово.
Димитриевски, кој веќе се квалификуваше за влез во изборната трка, откако ги собра потребните 10 000 потписи рече дека „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе оди самостојно, а единствената коалиција ќе им биде таа со граѓаните.
Тој најави дека за в сабота е закажана седница на Извршниот одбор на партијата, каде, како што кажа, ќе биде усвоен роковникот за предлагање и евидентирање на кандидатите за носители и кандидатски листи за пратеници во сите шест изборни единици.
„Посакуваме ферплеј кампања, но за жал ваквите постапки не наговестуваат дека ние во Македонија ќе имаме ферплеј кампања и легитимни избори. Се надевам дека ќе преовладува разумот и сè уште има некој и во власта и во органите којшто ја чувствува желбата на граѓаните да излезат легитимно да го дадат и искажат своето мислење на демократски избори“,
изјави Димитриевски.