Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка за четири лица, две од Индија и две од Пакистан, поради основано сомнение дека сториле кривично дело разбојништво, а еден од нив сторил и кривично дело изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Според Обвинителството, осомничените на 4 јуни 2021 година, околу 21 часот во близина на транзитниот центар Табановце, во состав на група од околу дваесет лица, со употреба на сила, опасно орудие и огнено оружје, осомничените од други лица одзеле туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат.
Имено, додека три лица – оштетени се движеле пеш во близина на транзитниот центар Табановце со намера да ја преминат границата кон Република Србија, биле нападнати од група од околу дваесет лица, меѓу кои биле и осомничените. Притоа еден од осомничените во рацете држел пиштол марка „зораки-М 906-Т“, додека останатите во рацете држеле стапови и палки, а на појасите имале и ножеви.
Кога ги запреле оштетените, еден од осомничените започнал да им издава наредби на останатите, велејќи им „удри“, „земи им ги парите и телефоните“, „пукај“, при што осомничените лица започнале со напад и притоа им задале повеќе удари со стапови и палки на оштетените во предел на главите и телата, а биле испукани и два истрели во земја. При нападот од оштетените биле одземени пари и мобилни телефони, при што им биле нанесени и повеќе лесни и тешки телесни повреди.
