Во едниот случај се осомничени две полнолетни лица од Неготино кои заедно се товарат за кривичното дело задоволување полови страсти пред друг, а едното од нив се гони и за силување дете, додека во другиот случај осомничен е татко од Кавадарци за други полови дејствија врз неговата 13-годишна ќерка
Основното јавно обвинителство Кавадарци донело наредба за спроведување истражна постапка за два одвоени случаи во кои има сомненија за кривично дело силување дете кое не наполнило 15 години од член 188 од Кривичниот законик (КЗ).

Споделувајќи детали, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утрово соопштија дека во првиот случај се осомничени две полнолетни лица од Неготино, кои првично сториле кривично дело задоволување полови страсти пред друг од член 190 од Кривичниот законик. Имено, според Обвинителството, тие имале сексуални односи пред малолетно дете, кое ги снимало со мобилен телефон.
Дополнително, наведуваат од Обвинителството, во јули лани, додека детето имало 14 години, еден од двајцата осомничени повеќепати го наведувал малолетникот на сексуални односи со него, за што му давал одредени парични средства.
„Јавниот обвинител предложи мерка притвор за осомничениот за силување дете, за кое е запретена казна затвор од најмалку осум години“,
се додава во соопштението.
Во врска со другиот случај, кавадаречкото Основно јавно обвинителство води постапка и исто така предложи притвор против татко од Кавадарци, кој е осомничен за други полови дејствија кон неговата 13-годишна ќерка.
Тој, според Обвинителството, во алкохолизирана состојба го допирал девојчето во повеќе наврати, со што постои сомнение дека сторил кривично дело од ставот пет од членот 188 од КЗ, за кое е предвидена казна затвор од најмалку три години.
