Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените во период од 14 до 16 март 2025 година сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поведе истрага против 13 полициски службеници од СВР Штип, кои вчера беа уапсени во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62 лица.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените како службени лица во период од 14 до 16 март 2025 година сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
Во образложението на Обвинителството за покренатата истрага против 13 полициски службеници се наведува дека тие како соизвршители не постапиле според прописите за мерките за заштита, односно одобриле план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани без да проверат дали со него се опфатени сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи.
„По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без било какви измени, било постапено, и на 16.03.2025 година во кабарето ‘Пулс’. Во моментот кога ја вршеле контролата не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група ДНК, чие палење не било пријавено во ПС Кочани, а од која како последица настанал пожар во дискотеката ‘Пулс’, со што не преземале мерки за заштита за присутните лица во дискотеката ‘Пулс’, каде поради несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола настанал пожар, и со тоа предизвикале настапување на смрт на 63 лица, а над 200 лица се здобиле со потешки и полесни телесни повреди“,
наведуваат од ОЈО ГОКК.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје предложи на осомничените да им бидат одредени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, привремено одземање на пасошот или друга исправа за напуштање на државата, забрана за воспоставување контакти со осомничените во постапката, забрана за вршење работни активности и обврска за повремено јавување на определено службено лице.