Обвинителниот акт е поднесен по истрагата што ОЈО ГОКК ја спроведувало од 13 декември минатата година, соопштија денеска од Јавното обвинителство. Обвинетите предметите од културно-историско значење за државата ги ископувале од локалитети кои ги пронаоѓале користејќи пренесени сознанија, карти, рачно пишани текстови и преданија. Пронајдените артефакти, според обвинителството, ги продавале на заинтересирани купувачи во земјава и странство

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднело обвинител акт против 11 лица кои организирани во криминална група неовластено ископувале артефакти од археолошки локации низ земјава и потоа ги продавале на заинтересирани купувачи дома и во странство.
Артефактите кои ги ископувале се дел од историското и културно наследство на Северна Македонија.
Обвинителниот акт е поднесен по истрагата што ОЈО ГОКК ја спроведувало од 13 декември минатата година, соопштија денеска од Јавното обвинителство.
Сите 11 обвинети се товарат за кривичното дело злосторничко здружување, а првообвинетиот во случајот С.Џ. (47), освен за ова се товари и за кривичните дела прикривање, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости; изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
За дел од овие кривични се товарат и останатите десетмина обвинети, чии иницијали и возраст се објавени во денешното соопштение на Јавното обвинителство. Како што информираат оттаму станува збор за З.А.(39), М.С.(42), Г.К.(45),И.С.(48), М.Џ.(37), М.А.(32), Д.Р.(36), Т.А.(58), Н.М.(48) и Р.З.(28), кој е и најмладиот член на групата.
Таа била создадена во втората половина на 2021 година, од страна на С.Џ., З.А. и Т.А., а нелегалните активности групата ги извршила во период од 1 декември 2021 до 12 декември 2022 година.
За пронаоѓање на археолошките локалитети обвинетите се користела со пренесени сознанија, карти, рачно пишани текстови и преданија.
„По пронаоѓање на локалитетите, со користење на метал детектори обвинетите извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство. Археолошките добра и историските предмети иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале во нивните домови или на непознати локации и неовластено од надлежен орган ги нуделе и продавале на заинтересирани купувачи од земјата и странство“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Според Обвинителството, артефактите кои обвинетите ги откопале и продале се предмети со исклучителна археолошка, етнолошка, уметничка и историски вредности, во сопственост на државата.
„Со нивно трајно отуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата“,
велат од Обвинителството.