Во рамките на истрагата утрово биле извршени претреси на три локации, а едно лице е приведено и за него Обвинителството денеска ќе достави предлог да му биде определена мерка притвор. Другите четворица, од кои двајца се опфатени во предметот „Грчец“, се во бегство
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) врз основа на докази добиени преку апликацијата Скај донело наредба за спроведување истражна постапка против пет лица осомничени дека набавиле поголемо количество кокаин од странство наменето за продажба во земјава.

Во рамките на истрагата, како што соопштија денеска од ОЈО ГОКК, утрово биле извршени претреси на три локации и е приведено едно лице.
Оттаму додаваат дека приведеното лице во текот на денешниот ден ќе биде изведено пред судија на претходна постапка и за него Обвинителството ќе бара да му биде определена мерка притвор.
Истата мерка, велат од ОЈО ГОКК ќе биде предложена за уште двајца осомничени кои во моментов се недостапни на органите на прогонот. За останатите двајца осомничени кои, исто така се во бегство, а претходно се опфатени во предметот „Грчец“, мерката притвор е веќе определена и ќе се применува откако ќе бидат пронајдени.
Инаку, во однос на истрагата, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираат дека осомничените заедно со други, сега починати лица, во два наврати организирале набавка, транспорт и продажба на шест килограми кокаин од Холандија во С Македонија.
Дрогата, според Обвинителството, била наменета за понатамошна продажба на територијата на државава.
„Осомничените и сега починатите заеднички преземале инкриминирачки активности дејствувајќи секој во својата улога во делот на неовластена набавка на наркотичната дрога, организирање на нејзино пренесување и складирање на соодветна скриена локација, како и нејзина распределба заради понатамошна неовластена продажба“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Со ваквите дејствија, како што наведуваат вод ОЈО ГОКК, осомничените се товарат дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.