За две лица, на кои судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд им додели мерка краткотраен притвор од 48 часа, е предложено да им биде определена мерка притвор во траење од триесет дена
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица осомничени дека сториле кривично дело – неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори.
Истражната постапка се темели на докази и од документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија, а е добиена преку меѓународна правна помош.
Поради тоа, постојат сомневања дека овие лица се поврзани со запленетите пет тони марихуана во Србија.

„Осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во неутврден период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин и марихуана. Двајца од осомничените, за кои српското обвинителство за организиран криминал води постапка, заеднички и по претходен договор со првоосомничениот во овој предмет, кој е сопственик на фирма од Скопје, како и со други неидентификувани лица, организирале набавка на наркотична дрога марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Република Северна Македонија до Република Србија со товарни возила, заради натамошна продажба“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Во описот за случајот, во декември 2025, првоосомничениот им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8 832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица.
„Во период од околу две недели, вработените спакувале над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор“,
пишуваат од ова Обвинителство.
На 13 јануари годинава двајцата ортаци, од кои едниот е осомничен во државава, а другиот во Србија, организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на фирмата во Скопје до локација во атарот на Свети Николе.
„Првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврати да бидат пренесени до наведената локација“,
велат од ОЈО ГОКК.
Истовремено, во атарот на селото Сарамзалино, другите петмина осомничени на паркинг-простор кај локалната црква во селото извршиле претовар на царинетата стока од товарно моторно возило со приклучно возило, во друго товарно моторно возило.
Потоа, осомничените заминале за Свети Николе каде што во испразнетото товарно возило ги натовариле кутиите со сув цвет од канабис.
Откако извршиле утовар, осомничените на кои им е определен краткотраен притвор со товарно возило заедно со уште тројца осомничени со патничко моторно возило се упатиле кон граничниот премин „Табановце“ и ја напуштиле државата.
„На 14 јануари 2026 година, во 03:41 часот, товарното моторно возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух во близина на Крушевац во Србија, каде заедно со други неидентификувани лица било извршено растоварање на кутиите со наркотична дрога марихуана во објект на фирма, претходно обезбеден од осомничени лица за кои Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија води истражна постапка“,
додаваат од ОЈО ГОКК.
За две лица, на кои судијата на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд им додели мерка краткотраен притвор од 48 часа, е предложено да им биде определена мерка притвор во траење од триесет дена.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчеравечер во телевизиско гостување на ТВ 21 информира дека е поднесена кривична пријава против десет осомничени лица, поврзани со нелегално производство и пуштање во промет наркотична дрога, како дел од истрагата поврзана со запленетите 40 тони канабис.
Посочи дека истрагата што ја води Министерството со внатрешни работи (МВР) во координација со Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција (ОЈО ГОКК) е поврзана и со дрогата пронајдена во соседна Србија, а за која постојат индиции дека потекнува од производствени капацитети за т.н. медицински канабис во државата.
