За да создадат привид дека се работи за легално стекнати средства, осомничените со дел од парите вршеле трансакции кон сметки на правни и физички лица, а дел ги трошеле за животни потребни и за купување движен и недвижен имот, водејќи луксузен живот
Од Обвинителството додаваат дека утре надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави соодветни предлози за обезбедување присуство на осомничените
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вечерва излезе со детали за денешната акцијата насочена кон разбивање криминална група, чии членови се осомничени за кривичните дела лихварство и перење пари.

Врз основа на кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи (МВР), чии единици денеска вршеа претреси на повеќе локации во Скопје, надлежен јавен обвинител на ОЈО ГОКК наредил отворање истражна постапка против вкупно 12 лица, од кои деветмина се товарат за двете кривични дела, додека тројца се осомничени за перење пари и други приноси од казниво дело.
Споделувајќи детали за активностите на осомничените, од ОЈО ГОКК наведуваат дека деветтемина од нив од почетокот на 2022 година, па сè до денес биле организирани во криминална група која позајмувала пари со договор, а потоа од оштетените барала да ги вратат со несразмерно високи камати кои се движеле од пет до 15 проценти месечно. Каматата, како што наведуваат од Обвинителството, осомничените ја зголемувале за секое доцнење со исплатата, а во случаи кога нивните, условно кажано, клиенти, не можеле да ги вратат парите со одредената камата им одземале недвижен имот.
„Од оштетените барале да им ги вратат позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата. Кога оштетените не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или да го оптоварат имотот со кој располагале пренесувајќи го на име на некој од осомничените“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Наплата на парите, додаваат оттаму, се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакциски сметки во банка, од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица.
Парите што осомничените ги враќале со големи камати, осомничените ги внесувале на своите сметки во банка или во сеф, а потоа ги пуштале во промет преку легалните финансиски текови.
Според ОЈО ГОКК, во периодот од три години, дванаесеттемина осомничени и една фирма, која исто така е опфатена во постапката, со лихварство успеале да се стекнат со противправна имотна корист од 125 033 527 денари или околу два милиони евра.

За да создадат привид дека се работи за легално стекнати средства, со дел од парите осомничените вршеле трансакции кон сметки на правни и физички лица, а дел ги трошеле за животни потребни и за купување движен и недвижен имот, водејќи луксузен живот.
„Дел од прибавените пари кои осомничените во повеќе наврати од повеќе физички лица ги примиле на своите сметки или им биле дадени на рака, со цел да се добие привид дека средствата се легално стекнати ги пуштале и користеле за реализирање на трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби, со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека во текот на утрешниот ден надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави соодветни предлози за обезбедување присуство на осомничените.
Какви мерки ќе бара Обвинителството, не е наведено во соопштението.