Во врска со 48-часовниот притвор, од Основниот кривичен суд Скопје потврдија дека тој им е одреден на лицата со иницијали А. И. и Д. С. врз основа на член 215 од Кривичниот законик, а кој се однесува на делото неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори
Соопштенијата на ОЈО ГОКК и на Кривичниот суд доаѓаат по денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека во случајот со запленетата марихуана има приведени лица
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека има приведени лица за случајот со запленетата марихуана, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопштија дека вчера на две лица, кои претходно биле сослушани во својство на осомничени, судијата на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа.

Според прибраните информации и докази, постојат сомневања дека овие две лица се поврзани со запленетите пет тони марихуана во Србија, а краткотрајниот притвор е одреден за да му даде време на јавниот обвинител да преземе дополнителни активности во рамките на постапката.
„Како резултат на преземените дејствија и анализата на прибраните информации и докази, постојат основи на сомнение дека лицата преземале активности поврзани со запленетите 5 тони марихуана во Република Србија, поради што јавниот обвинител достави образложен предлог за определување краткотраен притвор.
Барањето за определување на краткотрајниот притвор е со цел обезбедување на лицата и овозможување на доволно време на јавниот обвинител за преземање на неопходните процесни дејствија и донесување соодветна одлука за понатамошно постапување“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Оттаму појаснуваат дека во вакви случаи, особено кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети од меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка.
Во врска со 48-часовниот притвор, од Основниот кривичен суд Скопје потврдија дека тој е им одреден на лицата со иницијали А. И. и Д. С. врз основа на член 215 од Кривичниот законик, а кој се однесува на делото неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Предлогот на Обвинителството, велат од Судот, е прифатен поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и довршување на делото од страна на лицата.
Од ОЈО ГОКК велат дека продолжуваат интензивно да постапуваат во овој предмет и дека јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек, согласно законските можности.
Соопштенијата на ОЈО ГОКК и на Кривичниот суд доаѓаат по денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека во случајот со запленетата марихуана има приведени лица.
Прашан од новинарите дали е утврдено дека марихуана излегувала од Македонија и зошто сè уште нема приведени лица во врска со заплените тој рече:
„Па не би рекол дека нема никој приведен, но да бидеме трпеливи, сега засега тоа што е потребно да го споделиме со јавноста го споделуваме, сепак станува збор за огромна количина, не се наоѓаат секој ден 40 тони марихуана коишто се резултат на последиците на една несреќна влада којашто освен тоа што ја ограбуваше државата, својата економска политика ја темелеше на производство на дрога и ја распродаваше државата, пред сè нејзиниот национален интерес. Е сега, ние се справуваме со тие остатоци од едно несреќно владеење од седум години“
Дополнувајќи се во одговорот, тој кажа и дека во истрагата се отвораат нови перспективи и агли и дека се зголемува бројот на лица кои се вмешани, но повторно побара јавноста да биде трпелива, додавајќи дека јавноста наскоро ќе биде информирана за деталите.
Акцијата во која беа запленети над 40 тони марихуана започна неколку дена откако во соседна Србија тамошната полиција заплени пет тони марихуана кај Крушевац, за која тамошните истражни органи соопштија дека е од Македонија.

Во врска со евентуалната поврзаност на случаите, како и сомнежите дека фатените пет тона марихуана во Србија биле изнесени од земјава, премиерот Христијан Мицкоски пред десетина дена рече дека нема информации оти запленетата марихуана во Србија била излезена од Македонија, а такви информации, како што рече, нема ниту МВР.
Од ОЈО ГОКК, истиот ден, односно 9 февруари, соопштија дека заради утврдување евентуална поврзаност на случаите и потеклото на марихуаната, Обвинителството е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија.
