Од Советот на јавни обвинители за „360 степени“ потврдија дека ноќеска бил извршен претрес во една просторија во Советот, но велат дека немаат повеќе информации за случајот
Од Основното јавно обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) соопштија дека е отворена истрага против две лица за кои постојат сомневања дека извршиле кривично дело примање награда за противзаконито влијание. За првоосомничениот – судијата Георгиев, Обвинителството бара притвор, додека за второосомничениот, Иџет Мемети, доказите прибрани досега не нудат доволно законска основа и за него да се бара најстрога мерка за обезбедување присуство
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) денеска преку соопштение официјално информира за вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) во која беше уапсен судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев.

Обвинителството, како што е и досегашната пракса, не го соопшти идентитетот на осомничениот наведувајќи само дека станува збор за активен врховен судија.
Сепак, повеќе од извесно е дека станува збор за судијата Наке Георгиев.
Против него и против уште едно лице, за кое од ОЈО ГОКК се уште пооскудни во информациите околу неговиот идентитет, евентуална професија и функција, велат дека е отворена истрага поради основано сомнение дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
Од Обвинителството не откриваат, но повеќе медиуми објавија дека второосомничениот во случајот е членот и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, во чија канцеларија ноќеска истражни тимови извршиле претрес.
Дека бил извршен претрес за „360 степени“ потврди претседателката на Советот на јавни обвинители.
„Извршен е претрес во ноќните часови во една просторија во Советот на јавни обвинители. Претресот е завршен и во моментов сме на своите работни места“,
ни изјави претседателката на Советот, Душица Димитриевска, додавајќи дека немаат повеќе информации за случајот.
Што истражува ОЈО ГОКК
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го потврдија она што веќе е познато и објавено во медиумите, а е поврзано со апсењето на судијата Наке Георгиев.
Акцијата и отворањето истрага, според ОЈО ГОКК, уследиле откако син на обвинет во предмет што се води во ова Обвинителство пријавил дека првоосомничениот во случајот, односно врховниот судија Наке Георгиев, ветувал погодности за неговиот татко и лажно прикажале со второосомничениот дека ќе извршат влијание.
Според неофицијалните информации на медиумите, случајот го пријавил синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој во март годинава со поголема група беше осомничен за нелегална трговија со марихуана, кога му беше одреден и притвор.
„Предметниот обвинител вчера вечер, покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите, до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“,
се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Се бара притвор само за Георгиве, за Мемети нема доволно докази
Според Обвинителството, прибраните докази и извршените претреси до овој момент му даваат законски основи на надлежниот обвинител да бара притвор само за првоосомничениот судија, кој, како што информираше и МВР вчера, бил затекнат при извршување на кривичното дело.
Во однос на второосомничениот, кој според неофицијалните информации е членот и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, прибраните докази до овој момент не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување присуство.
„Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи“,
велат од ОЈО ГОКК.
Од Основниот кривичен суд Скопје за „360 степени“ велат дека го добиле известувањето од Судскиот совет дека на судијата Наке Герогиев му е одземен имунитетот и дека е одобрено барањето да му биде одреден притвор. Сега, како што информираат оттаму, се чека на Обвинителството и на полицијата тој да биде спроведен во Судот каде што судија на претходна постапка ќе одлучува по барањето за притвор.
Врховниот судија Георгиев, како што веќе објавивме, кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка пред официјално да даде заклетва, за неговиот син да може да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители.
Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.
За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, претходно беа разрешени тројца судии.
Кои се судијата Наке Георгиев и членот на Советот на ЈО, Иџет Мемети
Шеесет и едногодишниот Георгиев е роден во Струмица каде што ја почнал и својата судиска кариера.
За судија во Основен суд Струмица е избран во 1997 година, а во 2004 година станува судија на Апелацискиот суд Штип, каде што работи на предмети од граѓанска област.
Во 2017 година е избран за претседател на штипска Апелација, а неполни три години подоцна, во 2020 година, е избран за судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Иџет Мемети, пак, изминатите три децении беше повеќе јавно експониран од Георгиев бидејќи вршеше серија јавни функции. Од секретар во Владата во доцните 1990-ти, а во 2001 година Мемети, како што може да се види од неговата биографија објавена на веб-страницата на Советот на јавни обвинители, е избран за министер за правда, каде што се задржува една година. Во мај 2003 г. е избран за уставен судија, а во декември истата година се враќа на министерската позиција во правда. Една година подоцна стапува на функцијата Народен правобранител, на која е реизбран и во 2012 година, односно ја извршува во два мандата.
Во декември 2020 година е избран за член Советот на јавни обвинители, а од 1 октомври 2023 година е и негов заменик-претседател.