„Во рамки на денешниот работен ден институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Тим од истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска биле примени во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во рамки на предистрагата за наводите за незаконско прислушување. На средбата, како што информираат од Обвинителството, била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата на АНБ на која се однесува предистрагата.

„Во рамки на денешниот работен ден институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес“,
наведуваат од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека со оглед на обемната и сензитивна документација која има и степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а дополнително ќе се преземат други предистражни дејствија.
Во соопштението на ОЈО ГОКК се посочува дека Обвинителството постапува исклучиво врз основа на докази во рамки на законските процедури и се додава дека јавноста ќе биде навремено информирана за текот на постапката тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат предистрагата.