Освен за директорот на болницата, Обвинителството бара притвор и за неговиот помагач, кој во негово име ја зел сумата од 20 000 евра, по што бил фатен од полицијата
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поведе истрага против директорот на Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје и уште едно лице, осомничени за примање поткуп и помагање при извршување на ова кривично дело. За двајцата се бара притвор.

Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека првоосомничениот – директорот на геријатриската болница – во период од 19 март до 8 април годинава во неколку наврати директно побарал значителна сума на пари за да смести пациент во здравствената установа.
Поткупот го побарал од жена давател на доживотна издршка на лице кое боледувало од повеќе состојби и кое по лекарски препораки било упатено на болничко згрижување во Геријатрија. Кога се обратила во установата, бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање.
Жената по неколку дена добила телефонски повик од второосомничениот во постапката, кој ѝ закажал средба со директорот на болницата вечерта на 19 март во угостителски објект во Скопје.
„На средбата првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот што го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100 000 евра. Жената – сведок во постапката – реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка“,
наведуваат од ОЈО ГОКК.
На 3 април жената се сретнала со помагачот, како лице во кое директорот на болницата имал целосна доверба, а следниот ден повторно се сретнала со двајцата осомничени.
„Конечно било договорено сведокот да даде 20 000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот ‘со проверки’ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100 000 евра“,
додаваат од Обвинителството.
По ваквиот договор, на 8 април жената се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот земал сума од 20 000 евра, по што на самото место бил фатен од полиција.