Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари, а двајцата сопственици на кучињата во рингот веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица за кривично дело убивање и мачење животни.
Осомничените се 44-годишен посредник во организација на борби со кучиња и 43-годишник кој во дворот на семејна куќа во битолското село Црнеец подготвил заграден ринг каде што се организирале борбите.
Со постапката за истото кривично дело се опфатени и еден грчки и еден косовски државјанин, кои во моментот се во бегство. Сите заедно, како што велат од Обвинителството, на 1 ноември во вечерните часови, заради користољубие, грубо злоупотребувале и изложиле на непотребни маки куче од расата питбул, сопственост на осомничениот грчки државјанин, наведувајќи го да се бори со куче од расата американски стафорд, сопственост на осомничениот косовски државјанин.
Во борбата, кучето од расата питбул се здобило со повреди – угризи од другото животно. Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари, а двајцата сопственици на кучињата во рингот веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот. Тие се идентификувани и по нив се трага.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за македонските државјани инволвирани во организација на забранетите борби.
Судот донел решение со кое им определил мерка куќен притвор, а битолското обвинителство најави дека ќе вложи жалба на одлуката.
