Од невладината „Охрид SOS“ велат дека за овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 динамиката се одвива еден чекор напред-три назад
Ja поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сè уште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин, вели Заев
УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот Регион во јануари минатата година. Овој извештај првично беше објавен како нацрт-верзија, но откако државните институции имаа право да достават коментари на верзијата сега УНЕСКО и официјално го објави на нивната вебстраница.
Во извештајот се забелешува дека Охридскиот Регион заслужува да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност зашто во последните три години не се завршени задолженијата побарани во 2017 година.
Изветајот се однесува на двете страни на Охридското Езеро, бидејќи во 2019 година како светско природно и културно наследство беше впишан и делот од регионот кој се наоѓа на територијата на Албанија.
Од невладината „Охрид SOS“ велат дека за овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 динамиката се одвива еден чекор напред-три назад, како и шоу со „рушење дивоградби“.
„Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува. Стручните лица на УНЕСКО, тоа лесно ги прозреа. Затоа, Мисијата заклучува дека активностите зададени во 2017 не се исполнети како би се надминале ранливоста и заканите кои беа идентификувани, постепената ерозија на атрибутите не беше сопрена, се појавуваат нови проекти и планови кои го загрозуваат доброто и дојдовме до сознанија за нови закани“,
реагираат од невладината организација.
Тие потсетуваат дека пред две години во Баку, властите, државни и локални, се пофалија дека го спасија светското наследство, но наместо тоа на терен само „ги манифестираа своите алчни коруптивни апетити за грабање и ништење“.
„Ова скапо купено време го платија со плус две години деградација на Охридското Езеро, Галичица, брегот, живиот свет… Конечно, маските се симнати и можеме да го видиме вистинското лице на носителите на јавни функции. Центарот за светско наследство констатира дека ‘постоечките и планирани модификации и урбанизацијата ја интензивираат и онака ранливата состојба на регионот кон точката од кадешто нема враќање’“,
реагираат од „Охрид SOS“.
Заев: Апелирам Струга да постапи на соодветен начин
Премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ Клан рече дека извештајот на УНЕСКО го опфаќа извештајниот период до јануари 2020 година, но Владата останува посветена и во јули кога ќе се дебатира овој извештај ќе ги презентира сите активности што од тогаш се преземени за природното и културното наследство на заштитеното подрачје на Охридскиот Регион.
„Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но после присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сè уште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион“,
рече Заев.
Тој додаде дека Владата презема итни чекори за експертско и стручно кадровско екипирање на најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство и НП „Галичица“.
„Прекинати се работите на регионалните патишта кои беа во спротивност со Планот, а променета е и рутата на железничката линија Кичево-Лин во Албанија која претходно беше предвидено да поминува низ заштитеното подрачје“,
вели Заев.