Охрид и Охридскиот регион годинава ќе се впишат на листата на светски наследства кои се во опасност, тврдат од невладиниот сектор. Причините за тоа, според нив, се бројни. Видлив напредок на терен нема, иако по двете реактивни мисии на УНЕСКО во Охрид беа дадени листи со итни препораки
Министерството за култура, пак, вели – делумно се реализира целосен мораториум на каква било урбана и крајбрежна трансформација во рамките на светското наследство, донесен е Планот за управување, во постапка е изработката на Планот од државно значење за крајбрежјето…
Следниот месец во земјава ќе дојдат меѓународни експерти кои ќе ја скенираат состојбата со заштитата на културното и природното богатство на Охридскиот регион.
Во рамки на мисијата која ја предводи Бернската конвенција, како набљудувачи ќе бидат и преставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција.
Активноста е последица на жалбата на невладината организација „Фронт 21/42“, за заканите врз Галичица и Охридското езеро, а врз чија основа Бернската конвенција во 2021 отвори случај. Сето ова се случува во очи самитот на УНЕСКО во Ријад, Саудиска Арабија, каде повторно ќе се одлучува – дали Охридскиот регион ќе стане светско културно наследство во опасност.
Светско наследство на крстопат
На почетокот на февруари 2023 година, македонската национална комисија за УНЕСКО го достави Извештајот во кој земјава треба да ги убеди Обединетите нации дека презема сериозни чекори за да го заштити Охридскиот регион, а со тоа и неговиот статус како светско културно наследство. Оваа „игра“ трае веќе шест години, откако уште во 2017 година УНЕСКО заклучи дека во Македонија недостасува елементарна грижа за прашањето.

И во 2019 година во Азербејџан и во 2021 во Кина, на маса беше предлогот Охридскиот регион да го загуби статусот светско културно наследство и да се префрли на листата – светско културно наследство во опасност. Само поради дипломатија и политика и во двата наврати, УНЕСКО не ја носеше таквата одлука, препорачана од експертите.
Содржината на споменатиот извештај поднесен минатиот месец повторно ја наметнува дилемата – сработи ли државата доволно да го убеди УНЕСКО дека го штити Охридскиот регион или и на сесијата во Саудиска Арабија која ќе се одржи летово, сите надежи ќе бидат ставени на „купи-продај“ дипломатијата, за Охрид да остане на листата.
Лет во место
Нема видлив напредок, иако по двете реактивни мисии на УНЕСКО во Охрид беа дадени листи со итни препораки, смета невладиниот сектор за ангажманот на државата. Комуналните проблеми, урбанистичкото планирање, справувањето со отпадот, третманот на отпадните води се областите во кои требаше да се работи за да се исполнат препораките од УНЕСКО, но досега, како што велат познавачите на состојбата во Охридскиот регион, ситуацијата е статус кво.
Од Организацијата „Фронт 21/42“ велат дека од препораките на УНЕСКО од 2017 и 2020 година до сега, во целост и суштински се исполнети три – откажување на А3 патот, ски центарот на Галичица и откажување на туристичките развојни зони Љубаништа 1 и 2.
„Во однос на останатите, за дел од нив се спроведени активности кои се прикажани како нивно имплементирање, но кога ќе се навлезе во сржта на активноста, резултатот е неспроведување на препораката“,
велат од Фронт 21/42.
И од иницијативата Охрид СОС велат дека на терен нема реално поместување од мртва точка.
„Не постои волја за исполнување на препораките, нема вистинска координација помеѓу институциите, напротив, видовте неодамна како си префрлаа одговорност министерствата и општината, за објектот во Лагадин. Општина Струга воопшто не е спомната во извештајот, нема никаков придонес и се чини некој свесно ја иззема од сите обврски поврзани со УНЕСКО“,
велат од Охрид СОС.

Оттаму додаваат дека доколку некој лаик, или неупатен во состојбите со Охридскиот регион го прочита тој извештај, веројатно ќе помисли дека државата е кооперативна и се труди да ги исполни препораките.
„Но за нас, кои со Охридскиот регион се занимаваме веќе осум години, овој извештај нема реална тежина, изготвен е површно и набрзина, а со цел да презентира посакувана состојба со светското наследство пред УНЕСКО и додека зборува за тоа што е исполнето, најмногу кажува за тоа колку многу не е исполнето“,
додаваат од Охрид СОС.
Според невладиниот сектор, новиот извештај од февруари 2023 година е конзистентен со претходните во тоа дека во нив се изоставуваат клучните активности на државата со кои се продолжува уништувањето на регионот.

Од Охрид СОС реагираат на неколку препораки кои се дадени и од претходните Реактивни Мониторинг Мисии, но се неисполнети.
„Од медиумската камања со плажите во 2021 година, ниедна дивоградба не е отстранета, секако ни пицеријата на Нефи Усеини кај чинарот, а некои кои претходно се споделуваа во јавноста како урнати објекти повторно функционираат. Владата, според информациите споделени во медиумите, и после 3 години не добила ажурирани листи на дивоградби од трите општини. Повторно, во извештајот немаме информации за општините Струга и Дебрца, со што овие одговори се нецелосни“,
додаваат од Охрид СОС.
Од „Фронт 21/42“ додаваат дека додека да се оствари ветувањето за уривање на дивоградбите во заштитеното подрачје, некои веќе се легализирани.
„Тоа што нема да го прочитате во извештајот е дека се усвои закон за продолжување на легализацијата на дивоградби и во дополнителниот период, кој државата го доби за имплементација на препораките, беа легализирани над 400 дивоградби, од кои над 40 се во рамки на Националниот парк Галичица. За потсетување, мисијата од 2017 препорача итна мерка „стопирање на понатамошната легализација“, а и двете мисии посебен приоритет даваат на отстранувањето на дивоградбите на територијата на НП Галичица“,
нагласуваат од „Фронт 21/42“.

Невладините се надеваат дека Охрид конечно ќе биде ставен на листата светско културно наследство во опасност, бидејќи очекуваат само тогаш државата сериозно да се посвети на проблемот.
„Овојпат конечно, после двете дадени, а пропуштени шанси во 2019 и 2021 година. Според Центарот за светско наследство и стручните организации како ИКОМОС и ИУЦН Охридскиот регион е де факто на листата во опасност“,
велат од Охрид СОС.
Согласни со ова се и од „Фронт 21/42“ од каде велат дека доколку овој пат Комитетот својата одлука ја заснова на предлозите на експертите она што се очекува е впишување на Охридскиот Регион на Листата на светски наследства во опасност, имајќи ја предвид моменталната состојба.
„Што и да одлучи УНЕСКО, одговорноста за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион ја имаат нашите институции“,
додаваат оттаму.
Култура контра невладините – постапуваме по препораките
„360 степени“ побара одговор од Министерството за култура околу наводите на невладините организации дека извештајот што е испратен до УНЕСКО поминува само површински низ препораките.

Владиниот ресор одговори дека преземаат мерки за спречување на уништувањето на кохерентноста на архитектонските и урбанистичките вредности. Додаваат и дека се делумно се реализира целосен мораториум на каква било урбана и крајбрежна трансформација во рамките на светското наследство.
За инвентарот на дивоградби, кој патем требаше да биде готов пред неколку години, велат дека се работи. А се работело и зајакнување на соработката со Албанија, особено во делот на мониторинг за биолошката разновидност на Езерото.
„Се работи санација и целосно функционирање на колекторскиот систем, завршен е проектот за пренасочување на реката Сатеска, во тек е постапка за реализација на целосно затворање на депонијата Буково, тековно се реализира препораката за контрола на инвазивните видови во Охридското Езеро за обезбедување редовна програма за следење на биолошката разновидност, а се работи на целосна реализација за намалување на моторизираниот сообраќај во Охридското Езеро во старто градско јадро“,
нагласуваат од Министерството.
Од Култура додаваат дека Комисијата за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион посветено работи на почитување на Планот за управување и усогласување на урбанистичко-планската документација со Планот на управување, а граѓанските организации се присутни на седниците на Комисијата.
„Доставена е експертска анализа и мислење и детални информации за хемискиот состав на дрвените столбови што се користат за пешачките штици во Музејот на Заливот на коските, вклучувајќи и национално експертско мислење за заканата што потенцијално ја претставуваат употребените хемиски состојки на столбовите за рибите кои се мрестат во езерските води под музејот“,
велат од Министерството.
Меѓу проектите за кои е постапено по препораките од УНЕСКО од Култура ги наведуваат оние за сеопфатна споредбена студија за алтернативните траси за железничката пруга во состав на европскиот Коридор 8, вклучително и на траси што не минуваат во близина на брегот на Охридското Езеро и што ги одбегнуваат добро зачуваните делови на крајбрежјето долж албанско-македонската граница, изградбата на автопатот А2, делниците А3, или да се откажат плановите за ски центар на Галачица.
Општина Охрид – Се напредува чекор по чекор
Од Општина Охрид во однос на напредокот околу препораките на УНЕСКО велат дека се напредува чекор по чекор.

„Факт е дека работите се поместени, ако за некоја работа имаме соработка со сите субјекти, тоа е дефинитивно темата околу УНЕСКО. Редовно се одржуваат состаноците на градоначалниците на трите засегнати општини и четирите министри и невладините организации. Факт е дека напредуваме, но факт е дека работите зависат и од финансиските средства“,
вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Најпрестижната титула што едно подрачје или локалитет може да ја добие за своите единствени природни вредности или културно-историско наследство е статусот Светско наследство на УНЕСКО. Охридскиот регион ги носи овие две титули четири ипол децении и едно од многу ретките места што ги има и двете. Охридското езеро во 1979 и градот Охрид во 1980 година ја имаат комплетирано титулата на Светско природно и културно наследство на Охридскиот регион. Охридскиот регион е едно од само 38 УНЕСКО подрачја во светот и осум во Европа во мешовита категорија на светско природно и културно наследство.