Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагира на ветувањата на кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица Игор Дурловски, кој вели дека еден од приоритетите ќе биде зачувувањето на Охрид како светско културно и природно наследство под заштита на УНЕСКО.
„Време е со темелен пристап, а не со формалности и декларации, да се справиме со овој предизвик. Во таа насока, со добра волја посветеност и знаење, наша цел ќе биде доследна имплементација на препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО. Ќе ја подигнеме нашата професионалност и стручност и нема да дозволиме импровизации во примената на највисоките стручни стандарди во заштита на нашето културно наследство, но ќе направиме баланс со одржливиот развој“,
вели Дурловски во видеообраќање од Охрид.
„Охрид СОС“, пак, смета дека доколку некој не е упатен во хронологијата на настаните поврзани со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, веројатно ова обраќање на носителот на листата на ДПМНЕ, Игор Дурловски, би му звучело искрено, позитивно, и би го убедило дека партијата навистина е загрижена за исклучителната универзална вредност која ни е дадена и признаена.
„За жал, знаејќи што се случуваше особено изминативе години, не можеме а да не ја забележиме иронијата во ова излагање. Одеднаш, партијата која го надгради и прошири Плаошник со огромни структури поставени врз археолошки наоди, планираше мегаломански хотелски комплекс во нечепната природа во Љубаништа – директна закана за светинаумските извори и мрестилиштата на пастрмка, медитерански плажи, скијачки центар на падини каде снегот и не се задржува па за таа цел требашe да се гради вештачка акумулација во ливадите каде живеат само над 1000 врсти пеперутки, експресен пат среде национален парк, луксузен комплекс во Студенчишко Блато, преку закон за легализација на дивоградби протурка и објекти на самиот брег на езерото и планираше огромни градби на потегот Грашница – Далјан, како резултат на што во 2017 година дојде Реактивна мисија на УНЕСКО, а последователно Охридскиот Регион беше препорачано да се стави на листата Светско наследство во опасност, сега одеднаш загрижена за УНЕСКО статусот, подготвена да работи на зачувување, дури тоа да биде нивен приоритет“,
велат во реакцијата.
Тие упатуваат прашање до него кој е тој темелен пристап, наместо декларативен, со оглед дека, според нив, во предизборната програма немаат ништо конкретно и темелно поврзано со иднината на Охридскиот Регион.
„Зошто претходните општински и владини состави на ДПМНЕ не направија ‘доследна имплементација на препораките на Реактивните мисии на УНЕСКО’? Одеднаш, нема да се дозволеле импровизации во примената на највисоките стручни стандарди и ќе ги отстранеле сите закани кои влијаат на исклучителните универзални вредности. Со што ќе нè убедите дека тоа ќе биде различно од она претходно?“,
прашуваат од „Охрид СОС“.
