Во интервју за Си-ен-би-си, кое го даде за време на престојот во Давос, тој јасно ја дефинира границата што може да доведе до воена акција. Нагласи оти се надева дека нови напади нема да бидат потребни и додаде дека САД ќе реагираат доколку Иран ја реактивира својата нуклеарна програма
Американскиот претседател Доналд Трамп, враќајќи се од Светскиот економски форум што се одржа во Давос, Швајцарија, соопшти дека голема група американски воени сили се движи кон Иран. Додаде дека и покрај растечките тензии на Блискиот Исток негова цел не е да се случи воена ескалација.

Во авионот „Ер форс уан“ пред новинарите накратко се осврна на ситуацијата во Иран велејќи:
„Имаме многу бродови што се движат во таа насока, за секој случај. Имаме голема флота што се движи во таа насока и ќе видиме што ќе се случи“,
Според него, состојбата се следи внимателно и посакува да нема никаква ескалација.
„Имаме армада која оди во таа насока и можеби нема да мора да ја користиме“,
додаде Трамп.
Во последните недели, Трамп постојано се закануваше со можна интервенција во Иран, но како што се намалија протестите во земјата така ослабна и неговата реторика.
Во интервју за Си-ен-би-си, кое го даде за време на престојот во Давос, Трамп јасно ја дефинира границата што може да доведе до воена акција. Нагласи оти се надева дека нови напади нема да бидат потребни и додаде дека САД ќе реагираат доколку Иран ја реактивира својата нуклеарна програма.
Американските медиуми пренесуваат дека се очекува американска борбена група предводена од носач на авиони, заедно со други воени капацитети во наредните денови да пристигне на Блискиот Исток.
Кон крајот на декември во Техеран започнаа протести на трговците поради остриот пад на вредноста на иранскиот риал и влошувањето на економските услови.
Безбедносните сили одговорија насилно, а активистите изјавија дека повеќе од 4 500 демонстранти се загинати. Точните бројки не се достапни, иако иранските власти објавија дека официјалниот број на жртви е 3 117 лица, вклучувајќи и припадници на безбедносните сили.
