Мицкоски очекува предлогот во текот на утрешниот ден да биде донесен на итна владина седница и да биде спроведен од страна на маркетите
Со ограничувањето на маржата на 10 отсто во трговијата на мало и на големо, очекувам да има драстично намалување на цените на оние производи што вистински ги користат граѓаните, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, предлогот во работна верзија веќе го има и тој во текот на денот ќе се усогласува.
Тој очекува на итна седница во текот на утрешниот ден да биде донесен и да биде спроведен од страна на маркетите.
„Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува на 10 отсто и очекувам тука да има драматично намалување на цените на оние производи што вистински ги користат граѓаните и кои се проширени со хигиенски производи и бебешка храна. Од она што можев да го видам, опфатено е сè она што граѓаните го користат и мерката ќе важи до 30 април. За понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите“,
рече Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање.
Освен за ограничување на маржите, Мицкоски рече дека бил донесен и заклучок сите маркети на своите веб-страници транспарентно, на дневна основа да ги ажурираат цените.
„Донесовме заклучок, иако тоа наиде на потсмев кај опозициските гласноговорници, но и од опозициските партии, да сите супермаркети на своите веб-страници транспарентно, на дневна основа да ги ажурираат цените. Ако сега влезете не може да прочитате кои се цените на производите. Е, сега дали тоа ќе има некаков ефект, тоа е пракса во некои од земјите во светот. Ако во еден синџир маркети производ чини икс парички, а во друг чини икс половина парички тогаш како конзумент јас ќе се подзамислам од каде да го купам тој производ и тоа ќе создаде своевидна конкуренција на едните со другите“,
рече Мицкоски.
Третиот заклучок од вчерашната седница, како што рече Мицкоски, беше потребата министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции како што се Комисијата за заштита на конкурентноста и Државниот пазарен инспекторат за да се излезе повторно на терен и да се прошири акцијата за да се види како ова функционира и во маркетите за бела техника.
Одлуката за ограничување на маражата, како што вчера рече владината портпаролка Марија Митева, е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажува дека кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери се утврдени повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.
Ограничувањето на маржата ќе биде на истите 73 групи производи кои беа во претходните кошници, но треба да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.
Очекувањата се во оваа мерка да бидат вклучени над 100 групи производи.
Министерството за економија ќе разгледува и дали покрај оваа мерка има потреба да се носат и дополнителни кошници.