Тој вели дека доколку дојде до енормно зголемување на цените ќе ги преземат сите мерки што им стојат на располагање, а за кои во минатото рече дека ја поттикнале Владата да носи мерки што ќе траат и на подолг рок

Владините мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите дадоа само половичен резултат, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Важноста на владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, кои беа воведени на 20 февруари, истекува денеска.
Според Трендафилов, синдикалната минимална кошница покажала дека само 6,78 проценти се намалени цените на тие 63 основни прехранбени производи што ги мери ССМ.
„Значи не беше ни блиску до 10 проценти ниту повеќе од 10 проценти онака како што ветуваа трговците, меѓутоа за жал, Владата, како и многу пати досега, е изиграна од нивна страна. Се надевам дека нема да дозволи да ја изиграат по трет, четврти и петти пат“,
рече Трендафилов денеска во одговор на новинарско прашање.
Прашан дали доколку од утре има енормно зголемување на цените на производите, со оглед на тоа што денеска завршуваат владините мерки, како ССМ ќе бараат нивно повторно воведување, Трендафилов изрази надеж дека тоа нема да се случи.
„За новите владини мерки ќе зборуваме на 2 мај, 1 мај е денот кога бараме зголемување на нашите плати за да може да си ги дозволиме и ваквите цени што ги има во супермаркетите. Да не заборавиме дека во минатото се покажа дека трговците се алчни и дека на штета и на грбот на работниците ствараат огромен капитал. Се надевам дека тоа нема да биде случај и на 2 мај“,
одговори Трендафилов.
Тој вели дека доколку дојде до тоа ќе ги преземат сите мерки што им стојат на располагање, а за кои во минатото рече дека ја поттикнале Владата да носи мерки што ќе траат и на подолг рок.
Од 20 февруари со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто се продаваа млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините имаа ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничи на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија. Како највисока цена за ограничувањата беше земена онаа што важела на 1 февруари годинава.
Со одлуката беа опфатени 102 групи производи или над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи.
Изминатите денови, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески рекоа дека мерката дала позитивен резултат, а конечна одлука за евентуално продолжување на мерката ќе биде донесена доколку има потреба.
Дурмиши, како и Ристески, најавија дека од 1 мај Државниот пазарен инспекторат ќе се врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако се утврди дека маркетите се однесуваат девијантно во и енормно ги зголемат цените, како што рече, ќе бидат воведени поригорозни мерки.
Ристески се надева дека учесниците во трговскиот синџир ја научиле лекцијата и ќе го стават во преден план животниот стандард на граѓаните.