Партискиот потпретседател Меџити вели дека не се плашат да бидат исклучени бидејќи во ДУИ се наоѓаат од нејзиното основање, а до ден-денес никој не бил исклучен. За можноста за формирање нова партија, тој рече дека не треба да се размислува за заминувања, разрешувања и за други опции, доколку Ахмети покаже демократски капацитет како во овие 20 години

Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“ која вчера реши да дејствува како фракција на партијата, порача дека точно е оти фракционерството навистина не е предвидено во статутот на партијата, но нагласува и дека многу одлуки што се донеле во Мала Речица биле врз основа на политичка волја, а не врз основа на статутот.
Нивната фракција, дециден е Меџити, ќе се официјализира.
„Ќе биде активна во иднина, ќе има свои структури и ќе ги презентираме не само структурните разлики, туку и програмските и нашите политички идеи и позиции за секоја тема. Точно е дека тоа го нема во статутот, но во ДУИ многу работи беа преземени и поважна беше политичката волја отколку статутарната норма. Бидејќи, ако одиме така, дури и координаторите кои беа поставени во Сарај и Чаир, кои обично се поставуваат од други области за да бидат неутрални, овде беа поставени од истите ограноци, па тие се координатори за поделба на ограноците во Чаир и Сарај“,
вели Меџити, пренесува Алсат-М ТВ.
Тој рече и дека не се плашат да бидат исклучени бидејќи, како што посочува, во ДУИ се наоѓаат од нејзиното основање, а до ден-денес никој не бил исклучен. За можноста за формирање нова партија, Меџити рече дека не треба да се размислува за заминувања, разрешувања и за други опции, доколку Ахмети покаже демократски капацитет како во овие 20 години.
Во однос на вчерашната седница на Претседателството на ДУИ, тој посочува дека дебатата била вештачки затворена преку надгласување.
Ваквите пораки од редовите на „огнените“ доаѓаат откако вчера Ахмети зборувајќи за одлуката оваа група да дејствува како фракција, рече дека такво нешто не е дозволено во партијата.
„ДУИ е партија која почитува вредности и почитува демократија. Се разбира, го почитува и размислувањето против. Што се однесува до фракционерството, јас имав таков предлог, имам дадено на партиски конгрес, меѓутоа изгубив на гласање од мнозинството и јас како демократ почитувам став на мнозинството и не ги напуштам институциите. Согласно тие одлуки на конгресот и Статутот на партијата, во ДУИ не се дозволува функционирање во фракции. Треба да се почека до следниот конгрес, јас ќе бидам тој што ќе поддржи еден таков став за фракционерско дејствување“,
рече вчера Ахмети.