Научно-истражувачката компанија „Комак медикал“ официјално ги затвори двата пункта за вакцинација на граничните премини со Македонија, кои беа отворени во мај годинава на иницијатива на сопственикот компанијата, д-р Милен Врабевски.
За овој период, во медицинските центри на граничниот премин Ново Село-Златарево, граничниот пеемин Делчево-Станке Лисичково и оној во Софија, бројот на дадени вакцини од тимот на бугарската истражувачка компанија е нешто повеќе од 5 100. На пунктовите се користеле две вакцини против ковид-19 – „Фајзер“, која, како што наведуваат од бугарската компанија, била најпосакувана од македонските граѓани, и „Џонсон и Џонсон“.
Бугарски и македонски државјани со постојано и привремено бугарско државјанство, вклучително и службеници – тимови од градинки, полиција, пожарникари и други, ја искористија можноста да се вакцинираат во граничните вакцинални центри.
Потребата од двата центри за вакцинација, како што пренесува БГНЕС, се појави откако долго време граѓаните што живееја на територијата на РС Македонија немаа пристап до најпопуларните и најпосакуваните вакцини против коронавирусот.
„Во Република Северна Македонија има над 120 000 граѓани со бугарски пасоши, ние бевме должни да размислуваме за овие луѓе таму. Имаме постојани и привремени жители чии семејства и роднини се поврзани со Бугарија. Мора да го следиме примерот на Европската Унија за интеграција на Западен Балкан, која вклучува помош и грижа во превенција од пандемија, каде што можеме да бидеме корисни за нашите соседи “,
изјави д-р Милен Врабевски, пренесува БГНЕС.