Покрај пасошите на осомничените Васев и Нухи, им се забранува и напуштање на живеалиштето, со обврска да се јавуваат пред службено лице во суд, а на ексмедицинскиот директор на Онкологија му се забранува да оди на работа во Kлиниката
Мерките доаѓаат откако Основното јавно обвинителство денеска отвори истрага против пет лица за случајот „Онкологија“ кој од септември минатата година ја бранува јавноста
Основниот кривичен суд Скопје попладнево соопшти дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството и на двајцата осомничени ексдиректори во случајот „Онкологија“ им определил мерки на претпазливост.

Ова доаѓа откако Основното јавно обвинителство Скопје денеска отвори истрага за случувањата на Клиниката за Онкологија во периодот од 2017 до 2021 година, за што осомничени се тогашниот медицински директор на Клиниката, Нино Васев и организацискиот директор на Онкологија, во периодот од 2021 до април 2023 година, Нехат Нухи.
Иако во истрагата на скопското основно јавно обвинителство покрај двајцата тогашни директори осомничени се уште тројца лекари онколози, за нив Обвинителството не побара мерки за обезбедување на присуство бидејќи се товарат за помагање во кривичното дело измама во службата за кое се осомничени Васев и Нухи. Покрај за измама во службата, поранешниот медицински директор на Онкологија Васев е осомничен и за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог за определување мерки за претпазливост на Основното јавно обвинителство – Скопје против две лица, кои утрово беа спроведени во судот, а поврзани со случајот „Онкологија“, по ценење на фактите изнесени од странките во однос на предлогот донесе решенија со кои:
Се прифаќа предлогот и на Н.В. му се определуваат мерки за претпазливост по член 146 став 1, точките 1,2,3 и 7 од Законот за кривична постапка (ЗКП) односно забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за јавување на службено лице во судот, одземање на патна исправа и забрана за издавање нова и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело,
На Н.Н. му се определуваат мерки за претпазливост по член 146 став 1, точка 1,2 и 3 од ЗКП односно забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за јавување на службено лице во судот, одземање на патна исправа и забрана за издавање нова“,
се наведува во соопштението на Основниот кривичен суд.
Оттаму додаваат дека против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Судот во рок од три дена по приемот на решението.
Додека двајца поранешни директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија беа на распит пред судија на претходна постапка, шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и обвинителката на Ана Гоговска-Јакимовска одржаа брифинг со новинарите, на кој информираа дека постапката за случајот од предистрага денеска преминува во повисока фаза на истрага. Ова значи дека Обвинителство собрало докази за формирање предмет кој во натамошната фаза може да доведе покренување на обвинение и судска постапка.
Делата за кои се осомничени двајцата ексдиректори, според доказите што ги прибрало Обвинителството во текот на предистражната постапка, ги сториле во периодот од 2017 до 2022 година.

Тогаш, како што информира обвинителката Гоговска-Јакимовска, осомничените директори набавувале лекови на реверс, без согласност на Фондот за здравствено осигурување и без спроведена постапка за јавна набавка. На тој начин се создавал вишок лекови за кои не се водела евиденција.
„Во однос на организацискиот и на медицинскиот директор од она што досега го утврдивме е дека се набавени лекови на реверс, пред склучување на договор за јавна набавка и без согласност на Фондот за здравствено осигурувањево период кога постапките за јавна набавка сè уште не биле спроведени од Министерството за здравство, а фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка без почитување на начелото за конкуренција“,
рече на брифингот обвинителката Гоговска-Јакимовска.
На пациенти, спротивно на протоколите на лекување, им била пропишувана терапија со недоследности во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата, односно на нивно име биле издавани вишок лекови. Дополнително, како што беше кажано на брифингот, скапа терапија од најновата генерација им била пропишувана на пациенти еден ден пред да починат.
Обвинителството од досегашната истрага утврдило дека е сторена имотна корист за друг во износ од 1 817 520 000 или близу 30 милиони евра.