Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека министерката Сања Божиновска имала средба во канцеларијата на „Шеврон“ (Chevron Corporation), на која се разговарало за унапредувањето на енергетската соработка со САД и обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG)
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски попладнево информира дека втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) во Вашингтон, македонската делегација ја отворила со високиот претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при американскиот Стејт департмент, Брендан Ханрахан.

Посочувајќи во објавата на својот фејсбук-профил дека Стратешкиот дијалог е важен формат за унапредување на билатералната соработка и потврда за силното сојузништво и стратешко партнерство со САД, Муцунски наведува дека фокусот на разговорите е ставен на клучните области, како глобалните и регионалните прашања, одбраната и безбедноста, енергетиката и економската соработка, кибер и дигиталната безбедност, како и зајакнување на граничната безбедност и справувањето со транснационалните закани.
„Стратешкиот дијалог ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер, со јасна посветеност кон заедничките вредности и стабилноста на регионот“,
додава Муцунски во објавата.
Одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог се случува по пауза од четири години, а на неа присуствува висока владина делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски. На настанот учествуваат и министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.
За првите состаноци попладнево преку писмени соопштија информираат дел од кабинетите на ресорните министри кои се во Вашингтон.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека министерката Сања Божиновска имала средба во канцеларијата на „Шеврон“ (Chevron Corporation), на која се разговарало за унапредувањето на енергетската соработка со САД и обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG).
„Од страна на ‘Шеврон’ на состанокот учествуваа Брајан Еснер, генерален менаџер за ‘LNG Origination’, кој зад себе има повеќе од 25 години искуство во глобални енергетски проекти, како и Лем Смит, потпретседател за меѓународни владини односи и Стив Кеил, сениор менаџер за меѓународни владини односи. На состанокот министерката Сања Божиновска ја придружуваа Горан Николовски, раководител на секторот за гас, како и Недим Рама, директор на НОМАГАС кои се дел од македонската делегација во Вашингтон“,
се вели во соопштението од Министерството.
На средбата било разговарано за можностите за влез и поголемо присуство на американски нафтени компании на македонскиот пазар, зајакнувањето на стабилноста и конкуренцијата, како и унапредувањето на енергетската безбедност.
„Министерката Божиновска истакна дека Македонија е отворена за нови партнерства кои ќе донесат сигурност во снабдувањето и ќе создадат поконкурентен пазар. Средбата со ‘Шеврон’ претставува значаен чекор во позиционирањето на земјата како сериозен партнер во регионалната и глобалната енергетска мрежа, со јасен фокус на долгорочна стабилност и стратешка диверзификација“,
се додава во соопштението.

Што се однесува до ресорот со кој раководи Стефан Андоновски, според информациите од Стратешкиот дијалог во Вашингтон, се предвидува продлабочена експертска и техничка соработка со релевантни американски институции, во насока на унапредување на националните способности за превенција, детекција и одговор на киберзакани, како и поддршка во процесите на стратешко планирање и модернизација на безбедносните системи.
„Оваа соработка е во целосна согласност со стратешките приоритети на Владата и Министерството за дигитална трансформација, вклучително и имплементацијата на Националната стратегија за кибербезбедност 2025-2028, како и усогласувањето со европските стандарди и директиви”,
изјави Андоновски по сесијата, соопштија од Министерството.

На првата сесија од разговорите министерот за одбрана Владо Мисајловски истакнал дека одбранбената соработка меѓу двете држави е на исклучително високо ниво, додавајќи дека постои потенцијал за уште посилна и посеопфатна соработка на полето на одбраната и безбедноста.
„Во моментов во процес на набавка се 16 договори со САД кои вклучуваат опрема за различни видови одбранбени капацитети и согласно стратешките документи и Долгорочниот план за развој на одбранбени способности, разгледуваме дополнителни можности за континуиран и значаен развој на соработка со САД“,
се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
На сесијата Мисајловски се осврнал и на одбранбениот буџет, односно достигнувањето на целите договорени на последниот Самит во Хаг за инвестирање на 3,5% од БДП во одбранбениот буџет и дополнителни 1,5% од БДП за активности и проекти поврзани со безбедноста до 2035 година.
Во таа насока, тој посочил дека македонската влада е сериозно посветена на остварувањето на договореното.

„Инвестициите во одбраната се стратешки фокусирани во делот на модернизација, зајакнување на интероперативноста, подготвеноста и отпорноста. Остануваме целосно посветени реализацијата на НАТО – целите на способности“,
рекол Мисајловски на состанокот.
