Поголеми одрони од карпи имало и на патот Скопје-Велес, кои вечерва се расчистени од страна на екипи на „Македонија пат“

Поради одрони предизвикани од поројните дождови, сообраќајот на неколку патни правци во државата е делумно попречен. На регионалниот пат А3, на делницата меѓу селото Истибања и браната „Калиманци“, регистрирани се поголеми одрони од камења и земја, што претставуваат опасност за возачите.
Помали одрони се забележани и на други делници на територијата на Македонска Каменица.
Екипи на ЈП „Македонија пат“ се веќе на терен за расчистување и обезбедување на сообраќајницата.
Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека вечерва од 20:40 часот патниот правец од Кочани за Виница и селото Смојмирово е во прекин поради голема количина вода насобрана на коловозната лента и затворени испусни канали кај објектите на фирмите „Леда вин“ и „Ирибов“.
Од АМСМ велат дека сообраќајот е пренасочен преку селата Зрновци, Јакимово и Истибања.
Од надлежните служби апелираат до сите возачи да се движат со зголемено внимание, да ја прилагодат брзината и да ги почитуваат предупредувачките знаци.
Претходно поголеми одрони од карпи имало на патот Скопје-Велес, кои вечерва се расчистени од страна на екипи на „Македонија пат“.
„Екипите на ‘Македонија пат’ Подружница Петровец, вечерва околу 21 часот, успешно ги расчистија двата поголеми одрони од карпи на автопатот Скопје-Велес“,
информираат од претпријатието за МИА.
Одроните, како што додаваат, биле на локација во близина на манастирите и на потпорниот ѕид на тунелот кај Башино Село, на влезот во Велес.
За време на расчистувањето, екипи на МВР го регулирале сообраќајот на двете коловозни ленти за да се обезбеди непречено одвивање. Истиот тим, исто така, отстранил паднато дрво од левата коловозна лента пред велешката патарина „Сопот“.
