Од АМСМ апелираат до сите учесници во сообраќајот внимателно да управуваат со своите возила и да ја приспособат брзината на движење сè додека не заврши расчистувањето на одронот и не се нормализира сообраќајот

Утрово, од 6:30 часот, сообраќајот на регионалниот патен правец Охрид – Свети Наум е отежнат и се одвива по една коловозна лента, поради одрон, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Проблемот е на потегот помеѓу селото Трпејца и Свети Наум.
Од АМСМ апелираат до сите учесници во сообраќајот внимателно да управуваат со своите возила и да ја приспособат брзината на движење, сè додека не заврши расчистувањето на одронот и не се нормализира сообраќајот.
Сообраќајот на државните патишта од АМСМ велат дека се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
