Обвинителството побара на осомничениот да му биде определена најстрога мерка за обезбедување присуство бидејќи, како што информираа вчера оттаму, постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и повторување на кривичното дело
Судија на претходна постапка му одредил притвор од осум дена на 55-годишниот маж кој е осомничен за оштетувањето на стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје, потврдија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Притворот е одреден на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, кое вчера поведе постапка против лицето кое се гони за кривичното дело оштетување туѓи предмети.
Обвинителството побара на осомничениот да му биде определена најстрога мерка за обезбедување присуство бидејќи, како што информираа вчера оттаму, постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и повторување на кривичното дело.
Според наводите на истражните органи, осомничениот делото го сторил од омраза. Во описот на делото, како што соопштија од Обвинителството, тој со камен го скршил стаклото на влезната и веднаш се оддалечил од местото на настанот во непознат правец.
Настанот се случи во неделата на 11 јануари, а следниот ден од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полициски службеници од ЕВР Центар и Бит-пазар околу 12:40 часот на улицата „Кирил и Методиј“ во Скопје од слобода го лишиле Ш. А. (54), поради оштетувањето на стаклото на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Веднаш по добиената пријава, беа преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот и Ш. А. е лишен од слобода, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“,
информираа од МВР попладнето на 12 јануари.
Во врска со настанот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски завчера изјави дека станува збор за изолиран случај и дека надлежните институции експресно работат на негово целосно расчистување.
Во меѓувреме, бугарската амбасада во Македонија објави снимка од видеонадзорот на објектот на која се гледа како е скршено стаклото од влезната врата на Амбасадата во Скопје.

Претходно, бугарското Министерство за надворешни работи реагираше остро оценувајќи го инцидентот како недозволиво посегнување врз дипломатска мисија и сериозно прекршување на меѓународните норми.
