Бројот на лица на кои им беше одреден 48-часовен притвор до утринава изнесуваше 14, а попладнево тој број се зголеми на уште две лица, со што вкупниот број за кој Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани побарало, а Основниот суд Кочани одобрил краткотраен притвор изнесува 16 лица
До овој момент, на вкупно 16 лица им е одреден краткотраен притвор во времетраење од 48 часа во рамки на предистрагата на Обвинителството за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа 59 лица.

Бројот на лица на кои им беше одреден 48-часовен притвор до утринава изнесуваше 14, а попладнево тој број се зголеми на уште две лица, со што вкупниот број за кој Основното јавно обвинителство Кочани побарало, а Основниот суд Кочани одобрил краткотраен притвор изнесува 16 лица.
„До овој момент Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани предложи определување мерка краткотраен притвор за 16 лица. Предлозите се прифатени од Основниот суд Кочани и мерката е определена за сите 16 лица“,
соопшти Основното јавно обвинителство на Република Северна Македонија.
Оттаму посочуваат дека за лицата за кои е одреден краткотраен притвор во моментов постојат сомненија дека со своето постапување или непостапување придонеле за трагедијата, но за својствата на секој официјално осомничен, како што посочуваат, Обвинителството ќе се произнесе кога ќе влезе во фаза на истрага.
Меѓу лицата на кои им е одреден краткотраен 48-часовен притвор се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски. Двајцата поранешни функционери заедно со уште едно лице синоќа беа спроведени на распит во Основниот суд Кочани.
Ексминистерот е приведен во врска со нелегалната лиценца за кабаре што ја имала фирмата „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани за клубот „Пулс“ – документ кој бил издаден на 13 март 2024 година, кога со Министерството за економија раководи Крешник Бектеши, а потпишан од тогашната државната секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ.