Најстрогата мерка за обезбедување присуство, според Кривичен, е одредена поради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност осомничените да го довршат или повторат делото
Скопскиот Кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и им одреди притвор на осуммина од осомничените за затајување данок, перење пари и злоупотреба на службената положба, кои беа уапсени во вчерашната акција на Обвинителството.

Како што информираа од Судот, попладнево завршил распитот на осум приведени лица поврзани со акцијата во Управата за јавни приходи и по нивното произнесување, како и ценење на фактите и доказите, прифатен е предлогот на сите да им биде одреден притвор од 30 дена.
Најстрогата мерка за обезбедување присуство, според Кривичен, е одредена поради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност осомничените да го довршат или повторат делото.
Претходно од Кривичен соопштија дека за девет од десетмина осомничени е прифатен предлогот на Обвинителството за определување мерки за претпазливост, односно – одземање патна исправа, обврска за јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и забрана за извршување одредени работни активности.
Инаку, во акцијата на ОЈО ГОКК осомничени се вкупно 20 лица за финансиски криминал тежок околу 4,8 милиони евра.
Првоосомничениот е српски државјанин сопственик на две фирми, а меѓу другите се раководители во Управата за јавни приходи (УЈП), како сопственици и управители на правни лица од Скопје и Гевгелија
Осомничените, како што соопшти денеска Обвинителството, се товарат за кривичните дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба, кои ги сториле во периодот од 2023 до 2025 година. Според ОЈО ГОКК, осомничените бизнисмени со лажни даночни и со помош на вработените во УЈП успеале да избегнат плаќање на данок, како и да добијат поврат на јавните давачки за нерезидетни фирми, со што го оштетиле буџетот на државата за 297 733 844 денари или околу 4,8 милиони евра.
Споделувајќи детали за акцијата, од ОЈО ГОКК денеска соопштија дека истражители од Истражниот центар на Обвинителството, со асистенција на Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера до доцните вечерни часови вршеле претреси на 16 локации низ државата.
Претресите, велат од Обвинителството, резултирале со обезбедување, односно апсење на осомничените, но и со привремено одземање на фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од фирми.
Акцијата, како што наведуваат оттаму, била спроведена по известување на Агенцијата за национална безбедност, а во неа, покрај Истражниот центар на ОЈО ГОКК, постапувала и Управата за финансиско разузнавање.
Инаку, како што може може да се прочита во соопштението од Обвинителството, во неа се опфатени и две лица кои веќе се осомничени во истрагата за злоупотреби во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој на РС Македонија.
Ним веќе им е определена мерка притвор во врска со овој предмет, но како што потврдија од ОЈО ГОКК, актуелната акција не е продолжение на истрагата за малверзации во Платежната агенција.
Од Обвинителството во соопштението поединечно наведоа кои осомничени, во кој период, со какви активности и за која сума го оштетиле државниот буџет.
Според досегашните докази што ги собрало Обвинителството, осомничените вработени во УЈП, од кои дел на високи раководни позиции, со злоупотребата на службената положба го оштетиле буџетот на државата за 162 980 076 денари или околу 2,6 милиони денари.
„Дополнително, дел од осомничените вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91 985 197 денари (околу 1,5 милиони евра)“,
соопштија од ОЈО ГОКК.
Акцијата, како што наведуваат оттаму, била спроведена по известување на Агенцијата за национална безбедност, а во неа, покрај Истражниот центар на ОЈО ГОКК, постапувала и Управата за финансиско разузнавање.
