Притворот на директорот Васе Анакиев, кој е осомничен за примање поткуп, му е определен по сите три основи, односно опасност од бегство, можност од влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кој вчера беше фатен, а денеска и формално лишен од слобода и осомничен за примање мито.

Мерката е определена на предлог на Основното јавно обвининителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кое денеска отвори истражна постапка против државниот службеник.
Како што информираа попладнево од Кривичен, притворот е определен по сите три основи, односно опасност од бегство, можноста од влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото.
Претходно од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од ОЈО ГОКК соопштија детали во врска со дејствијата што осомничениот директор на Државниот инспекторат за земјоделство ги презел за да изнуди поткуп од 100 000 евра, кој требало да биде исплатен на три рати.
Парите тој ги барал од сопственик на фирма за да овозможи стоката што таа ја увезувала да влезе во земјава, откако претходно била задржана на граничен премин. Образложението на осомничениот, според МВР, било дека стоката има забрана за влез бидејќи не ги исполнува законските услови за увоз. Од ОЈО ГОКК наведуваат дека осомничениот во периодот од 5 март до вчера директно ги барал парите, притоа вршејќи притисок врз службени лица да не му се одобри увоз на стока на правното лице, иако таа многупати претходно била увезувана.
Посредник во примопредавањето на парите требало да биде шпедитерот на стоката.
„Како оправдување на шпедитерот му било истакнато дека стоката што требало да се увезе не е во согласност со законските прописи. Како резултат на притисоците, стоката повеќе денови стоела на граничен премин, па откако оштетениот побарал образложение за забраната, осомничениот започнал дејствие на барање поткуп“,
велат од ОЈО ГОКК.
На 13 март бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50 000 евра да му биде дадена до вчера, а останатите две рати во деновите што следат.
Откако оштетениот ги предал парите на шпедитерот, тој вчеравечер се сретнал со осомничениот и извршил примопредавање на парите, по што директорот на Државниот инспекторат за земјоделство бил лишен од слобода од страна на полициските службеници.
Васе Анакиев беше именуван за в.д. директор на Државниот инспекторат за земјоделство во јули 2024 година.
Тој е потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), која е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
