Обвинителството ги товари дека кога ја спроведувале акциската контрола во „Пулс“, не презеле мерки за заштита на присутните лица, ниту мерки за спречување активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во ПС Кочани
Обвинителниот акт што Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го поднесе против 13 полициски службеници во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ го помина филтерот во Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје.

По одобрувањето на обвинението, сега, како што информираат од Судот, останува предметот да биде распределен преку Автоматизираниот систем за управување со судските предмети – АКМИС, кај судија од одделот за постапување со предмети од организиран криминал, а кој дополнително треба да закаже датум за почеток на судењето.
„Обвинителниот акт против 13 полициски службеници кои се товарат дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот кој на 16 март 2025 година се случи во објектот „Пулс“ во Кочани, се одобрува во целост“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Инаку, обвинителниот акт по повеќемесечна истрага ОЈО ГОКК го поднесе на 30 јануари годинава. Од обвинетите 13 полициски службеници, девет се полицајци, а четири се началници – двајца од ОВР Кочани и двајца од СВР Штип.
Според Обвинителството, тие од 14 до 16 март – денот кога се случи трагедијата, одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во нивна надлежност, ниту, пак, дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење полициски работи. Кобната ноќ влегле во „Пулс“ во 2:20 часот по полноќ, по усна наредба, а пиротехниката, што се смета за непосредна причина за избувнувањето на пожарот, се активирала среде контролата.
Обвинителството ги товари дека кога ја спроведувале акциската контрола во „Пулс“, не презеле мерки за заштита на присутните лица, ниту мерки за спречување активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во ПС Кочани.
„Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапувањето смрт на 63 лица, а 223 се здобиле со тешки телесни повреди и телесни повреди“,
наведоа од ОЈО ГОКК дента кога го поднесоа обвинителниот акт.
Покрај обвинителниот акт против тринаесеттемина полициски службеници, ОЈО ГОКК на крајот на јануари поднесе и два обвинителни предлози против нивни колеги кои, исто така, се товарат за кривични дела поврзани со пожарот во „Пулс“.
За овие предмети Кривичниот суд веќе ги закажа првите рочишта, бидејќи станува збор за обвинителни предлози за кои не е потребно одобрение од Советот за оценка.
Судскиот процес по обвинителниот предлог во кој се опфатени три лица првично беше закажан за 2 февруари, но стартуваше еден ден подоцна, додека оној во кој се обвинети деветмина полициски службеници ќе почне малку подоцна од првичниот термин (5 март), на 25 март.
Во првиот случај тројца полициски службеници се обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба бидејќи, според Обвинителството, при изготвување службени записници внесувале неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки. Имено, како што информираа од ОЈО ГОКК, наместо на име на активниот субјект, тие пишувале прекршочни пријави на фирма која не е активна.
Деветтемина полициски службеници кои се гонат со другиот обвинителен предлог, исто така се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, но за нив Обвинителството смета дека не извршиле целосна и детална проверка при издавање согласност за добивање лиценца на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Имено, тие биле задолжени за проверки од аспект на јавниот ред и мир и сообраќајната безбедност, и потпишале дека т.н. кабаре ги поседува предвидените најмалку 20 паркинг-места, иако тоа не било случај.

Истовремено со поднесените обвиненија, ОЈО ГОКК донесе и наредба за запирање на истражната постапка за седум полициски службеници, на кои им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 2012 до 2022 година. Со оглед на тоа што надлежноста на Специјализираното одделение на ОЈО ГОКК е од 2018 година, Обвинителството ќе ги цени само дејствијата преземи од 2019 до 2022, додека за другите предметот е испратен на надлежно постапување во ОЈО Кочани.
Повикувајќи се на овој момент од одлуката на ОЈО ГОКК, дел од бранителите на обвинетите за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, за кои е во тек судската постапка, побараа од Обвинителството да го преиспита обвинението и делата што им се ставаат на товар на нивните клиенти бидејќи се поклопуваат со оние за кои е запрена постапката против седумтемина службеници.
Од Обвинителството, во однос на барањето, рекоа дека актуелниот судски процес се води по одобрен и стапен во сила обвинителен акт.
Во судскиот процес за пожарот во „Пулс“ што е во тек се обвинети 35 физички и три правни обвинети лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
Во пожарот во т.н. кабаре, што се случи на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
