Одобрени се вкупно 1,2 милион денари за санација на покривот на Македонскиот народен театар (МНТ). Овие средства се издвоени од буџетот на Министерството за култура, кој е предвиден за реализирање проекти преку Годишната програма за проекти од културата со национален интерес.
Покривот на Македонскиот народен театар беше во лоша состојба, а во изминатите години се случуваше и да прокапе среде проба или претстава. Не беа ретки ситуациите кога публиката при влез во театарот ќе затекнеше кофи во фоајето кои собираат вода од прокапениот покрив.
Сега, конечно, овој проблем ќе се реши, вели за „360 степени“ директорката на Театарот, Симона Угриновска.
„Задоволни сме што конечно добивме и средства за да се санира покривот на театарот, знаете дека беше во лоша состојба, така што тие 1,2 милион денари што се одобрени за материјални трошоци се наменети за тоа“,
ни изјави Угриновска.

МНТ за годинава, според Годишната програмата на Министерството, добива поддршка за реализација на три претстави, од кои најмногу средства се издвоени за дуодрамата „Само глас“ на авторот Нина Плавањац во режија на Маријан Нечак, во износ од 1,5 милион денари. Другите две претстави се „Митре Стрелата во земјата на чудата“, на Зоран Спасов во режија на Јордан Симонов (671 илјада денари) и претставата „Магнолија“ со адаптација и режија на Васил Христов. „Магнолија“ е проект од минатата година, кој се префрла за реализација и во тековнава година, за што се префрлаат и 200 илјади денари.
Освен за претставите, за МНТ се доделени 340 илјади денари за театарската работилница со модераторство на Дејан Дуковски.
„Ние ги следевме препораките за аплицирање и се пријавивме со мали проекти кои вклучуваат помал број актери со оглед дека сè уште сме во ситуацијата од ризици од ковид-пандемијата. Не одевме со апликации за спектакуларни проекти кои сакавме да ги работиме, туку аплициравме со мали форми кои можеме веднаш да ги почнеме со работа и до мај да извадиме и две премиери“,
додава Угриновска.