Русија и НАТО меѓусебно се обвинуваат за влошување на односите. Од Алијансата велат дека се отворени за дијалог, додека од Кремељ, пак, обвинуваат дека потезите кои ги прави НАТО се спротивни на искажаните желби за нормализација на односите
Односите помеѓу НАТО и Русија се на најниско ниво од крајот на Студената војна, оцени генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на прес-конференција ден по протерувањето на осумте припадници на мисијата на Русија во НАТО во Брисел.
„Така е поради однесувањето на Русија. Ги видовме нивните агресивни акции“,
посочи Столтенберг, додавајќи дека Алијансата ќе продолжи со пристапот „на два колосека“ – одбрана и дијалог.
Тој рече дека одлуката за протерувањето не е поврзана ниту со еден конкретен настан, но оти Северноатлантската алијанса мора да биде внимателна пред малигните руски активности.
Како што рече генералниот секретар, станува збор за осум „непријавени руски разузнавачи“ односно нивните активности не биле во согласност со нивните акредитации.
Кремљ, пак, денеска се огласи дека одлуката на НАТО во целост ги поткопува надежите за нормализација на односите помеѓу Русија и Алијансата.
„Постои очигледна недоследност во изјавите на претставниците на НАТО за нивната желба за нормализација на односите со нашата земја со нивните реално потези“,
изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека потезите на НАТО не покажуваат дека односите би можеле да се нормализираат, ниту пак дека е можно продолжување на дијалогот.