Во своето сведочење, поранешниот помошник-началник откри дека обвинетиот Влатко Кешишов ја одвел полицијата до местото каде што била закопана Вања. Кога началникот му кажал дека на местото на кое е закопано девојчето не може да одат сами, Кешишов рекол дека се плаши од другите и дека Палчо ќе го убие ако дознае. Кешишов најпрво ги однел до запаленото возило, а потоа и до местото каде што била закопана Вања
Првиот впечаток беше дека однесувањето му е чудно, беше конфузен, потиштен во многу изјави и работи што ние го прашувавме за да ни помогне во однос на тоа што се случи, рече на денешното сведочење во Кривичниот суд поранешниот помошник-началник во СВР Скопје, Музафер Каишиќ, опишувајќи го однесувањето на таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, по пријавата за исчезнувањето на девојчето.
„Мајката беше многу посмирена, посталожена“,
рече Каишиќ.
На прашање од адвокатот на Ѓорчевски, на што се должат заклучоците оти неговото однесување било чудно и сомнително, началникот рече дека бил конфузен во своите изјави и уверен дека Вања е киднапирана и убиена.
„Ниту јас ниту кој било од колегите не донесе суд за Александар. Јас само го кажав мојот впечаток и впечатокот на колегите. Немавме забелешки (за комуникацијата со Ѓорчевски), освен тоа создавање дополнителен проблем, зашто од една страна бараше да се помогне, а кога ќе тргневме велеше ‘џабе бараме, киднапирана е, убиена е’“,
рече поранешниот началник.
Рече дека таткото на Вања инсистирал полицијата да преземе конкретни мерки и дејствија, иако, како што рече, при нивните обиди за пребарување на конкретни места, тој велел „џабе одиме таму“.
„Александар цело време велеше дека си го губиме времето, дека ќерка му е киднапирана. Не наведе причина зошто мисли така. Претходно го прашувавме зошто смета така, да не должи пари некому, да не му се заканува некој, да не е некој функционер, одговори негативно“,
рече Каишиќ.
Додаде дека во текот на истрагата Ѓорчевски постојано му се јавувал, му праќал пораки, одредени слики, снимки и го информирал за сѐ што знаел за случајот. Бил упорен во сето тоа.
Ѓорчевски го запознал и со својот пријател Гоце Трајковски, кој, исто така, им испраќал снимки, меѓу кои и снимката од бензинската пумпа во Велес на која во возилото „ситроен“ на убиениот Панче Жежовски се гледал и еден од обвинетите во случајот, Боре Видоевски.
„Од страна на Гоце ми беа испратени многу снимки и пораки. Би издвоил само една снимка којашто беше специфична – од возило на бензинска пумпа во Велес, каде што ние немавме поим за какво возило се работи. Гоце ни ја пушти таа снимка, не ни беше јасно, вели имаше лице коешто седеше со него, не знаеме кое“,
рече тој дополнувајќи дека Трајковски им кажал дека снимката ја прибавил од братучед кој работел на бензинската пумпа.
Поранешниот помошник-началник ја издвои и сликата на која се гледа камера насочена кон влезот од зградата од која била киднапирана Вања. Меѓутоа, како што рече, кога дошле до сопственикот на објектот виделе дека немало струја бидејќи кабелот бил исечен.
„Отидовме до самиот објект кој беше спроти влезот и камерата гледаше точно кон влезот. Александар се понуди и рече ‘јас ќе се погрижам’. Стапивме во контакт, лицето се согласи да ги даде снимките. Кога пристигна лицето и го отвори тој објект и додека го отвораше виде дека нема струја, кабелот бил исечен од камерата“,
рече тој.
На прашање на обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, какви дејствија презеле за да утврдат кој го исекол кабелот, началникот одговори дека од снимките од сите камери не можело да се најде сторителот.
Во своето сведочење, началникот откри и дека обвинетиот Влатко Кешишов ја одвел полицијата до местото каде што била закопана Вања. Кешишов го запознале вечерта кога вршеле претрес во седиштето на политичката партија Десна, откако снимката со „рено кангу“ ги одвела до таа локација.
Кога началникот му кажал дека на местото на кое е закопано девојчето не може да одат сами, Кешишов рекол дека се плаши од другите и дека ако дознае, Палчо ќе го убие. По кратко уверување дека нема да се случи тоа, како што дополни, отишле. Според сведочењето на инспекторот, Кешишов најпрво ги однел до запаленото возило, а потоа и до местото каде што била закопана Вања.
„Отидовме до запаленото возило, ние веќе знаевме дека е таму. Тогаш беа тие моменти кога сакаше да каже нешто, а не можеше. За во еден момент да рече ‘ајде, ќе ве однесам’. Возевме по негови насоки, стигнавме до еден огромен простор што служи како некоја депонија одвреме-навреме. Тука се одвиваше чудна комуникација, сакаше да каже нешто, и одеднаш велеше ‘не можам, не можам, не можам’. За ѓво едно време да рече ‘ајде’. Тогаш јас го прашував ‘каде, каде’. Во тој момент ми посочи со главата, имаше едни перници, тоа беше невозможно да се најде. Со главата покажа таму кај перниците. И тогаш морав да ги приближам колегите. Се обидов да го прашам што има таму под перниците. Тогаш ме фати за рака и ми кажа ‘мислам дека тука има некој, девојчево што го грабнаа’. Почнавме да го откопуваме местото до оној момент кога се видоа носот и веѓата, тука престанавме“,
рече Каишиќ.
Дополни дека на неговото прашање кој го сторил тоа, Кешишов ги споменал Велимир, Палчо и Боро. На прашање од обвинителката, началникот рече дека Кешишов му кажал оти на местото на настанот комуницирале со радиоврски – „мотороли“.
„Рече – ‘ја земаа и тука ја фрлија. Јас бев настрана’“,
дополни инспекторот.
Прашан дали во моментот кога им била пратена снимката им било познато дека постои врска меѓу исчезнувањето на Панче и Вања, одговори не, но им станало јасно подоцна.