Премиерот Зоран Заев вели дека ќе ја почитува одлуката доколку пратениците одлучат летово да не одат на одмор, туку да работат, но неговиот став е дека е потребен одмор бидејќи секој работник, па и пратеник е поефикасен кога е одморен.
„Социјалдемократ сум и правото на одмор е вистинско право, затоа што одморен човек и работник, па и пратеник може да биде поефикасен. Можеби не мора цел август да биде одмор. Обично после Илинден парламентот заминува на одмор, можеби помалку, но парламентот е над Владата и над мене како премиер, јас не би си дозволил да ги коментирам нивните одлуки. Како ќе одлучат тие, ќе почитувам. Јас ќе користам 10 дена годишен одмор“,
изјави Заев.
Неговиот коментар доаѓа по новинарското прашање за предлогот на неговиот коалициски партнер, Демократски сојуз (ДС), од каде што вчера предложија пратениците, но и министрите во текот на јули и август наместо на одмор да одат на работа за да се искористи периодот за подготовка и носење закони за непречена работа на компаниите, подготовки за враќање на учениците и студентите во училиштата и факултетите, спроведување реформи неопходни за имплементација на стандардите на ЕУ и за подготовка на Платформа за поефикасно справување со пандемијата.