Исламската револуционерна гарда се заканува со напади на територијата на САД, како и на Дубаи (Обединети Арапски Емирати) и Хаифа (Израел) ако САД возвратат на нападите на базите во Ирак во кои има американска војска
Американската армија потврди дека Иран нападнал воени бази во Ирак во кои се сместени војници на САД. Нападите се извршени со проектили “земја-земја”. Станува збор за најмалку две воени бази и за повеќе од 12 проектили, соопшти Пентагон.

Информацијата за нападите ја потврди и Иранската исламска револуционерна гарда. Иранската државна телевизија јави дека операцијата носи назив “Маченикот Сулејмани”.

Има жртви меѓу Ирачаните во една од нападнатите бази, јавува Си-Ен-Ен, цитирајќи ирачки безбедносен извор. Но, не се прецизира дали под жртви се подразбира загинати или повредени. Нема информации за жртви на американска страна.

Белата куќа објави дека претседателот Доналд Трамп е известен за нападите и дека “ја следи состојбата и се консултира со својот тим за национална безбедност”. Во Белата куќа се и државниот секретар и секретарот за одбрана, Мајк Помпео и Марк Еспер. Се подготвува обраќање на Трамп до нацијата.
Исламската револуционерна гарда се закани со напади на територијата на САД, како и на градовите Дубаи (Обединети Арапски Емирати) и Хаифа (Израел) ако САД возвратат на нападите на базите во Ирак.
До нападите на воените бази доаѓа откако во петокот САД со дрон го убија иранскиот генерал Сулејмани.