Поднесувањето оставка, пак, како морален чин, е одлука и право на самата претседателка, информираат оттаму
Собранието на Република Северна Македонија е единствената институција која може да донесе одлука за разрешувањето на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, се вели во денешното соопштение испратено од ДКСК.

Во однос на личната одговорност, велат оттаму, поднесувањето оставка како етички и морален чин, сепак, е одлука и право на самата претседателка.
„Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“,
велат од ДКСК.
Дополнително, велат, во интерес на непреченото работење на комисијата, исклучително е важно Државната комисија да функционираат во полн состав, а претседателката, согласно изречените мерки од судот, изминатиот период не доаѓа на работа.
Пред два дена од оваа институција, во одговор за „360 степени“ потенцираа оти Државната комисија за спречување на корупцијата има кредибилитет да ја продолжи својата работа и оти претседателката сама треба да каже дали ќе си поднесе оставка.
Пред три дена Јавното обвинителство за гонење организиран криминал покрена обвинение за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска.
Јавно беше познато дека е осомничена за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, но освен за тоа дело, во обвинението се товари и за компјутерски фалсификат. Вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име.