Уставниот суд в среда ќе ја разгледува првата одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, неколку иницијативи за детални урбанистички планови, делови од Законот за игри на среќа, како и едно барање за заштита на слободи и права. Овие точки се дел од дневниот ред за седницата на 6 мај, објавен на веб-страницата на Судот.
Во дневниот ред нема иницијатива за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието донесена на 16 февруари.
Денеска телевизија „Телма“ објави дека судии во Уставниот суд планираат да им предложат на своите колеги да покренат иницијатива по службена должност за укинување на одлуката за распуштање на Собранието, бидејќи сметаат дека е беспредметна.
Образложението е дека одлуката за распуштање на парламентот не резултираше со предвремени избори на 12 април.
„Телма“ јави за заседание на колегиумот на уставните судии в среда, а не и за ставање на ваква точка на дневен ред на седница на Уставниот суд, што вообичаено се случува секоја среда. Ако предлогот биде прифатен, тоа би значело дека ќе се острани правната пречка за свикување на парламентот, заклучува „Телма“.