Премиерот Спасовски разговарал со лидерите на партиите и добил уверување дека сите ги замрзнуваат активностите до 22 март
ДУИ во соопштение најави средба на лидерите на политичките партии на 22 март, еден ден пред закажаниот почеток на кампањата, „за да донесат заедничка одлука согласно околностите“
Политичките партии до 22 март ги прекинуваат сите активности во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Ова денеска го објави премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, по телефонските разговори со партиските лидери Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Зијадин Села, Билал Касами и Африм Гаши.
„Утрово разговарав со сите претседатели на партии и ме информираа дека се ставени во мораториум сите активности на политичките парти и тоа е добра порака дека за сите нас здравјето на граѓаните и поважно од што било друго. Тоа ќе трае до 22 март“,
соопшти Спасовски на прес-конференцијата во Владата.

Според календарот на ДИК, на 23 март треба да започне изборната кампања.
Дополнително, во писмено соопштение, објавувајќи замрзнување на активностите до 22 март, од ДУИ најавија средба на лидерите токму на 22 март „за да донесат заедничка одлука согласно околностите“.
Ниту ДУИ ниту Спасовски не споменаа можно одложување на изборите, но тоа може да се препознае како опција од начинот на кој ги формулираат своите изјава и соопштение.
*поврзана вест Пендаровски: Сериозно би размислувал за опцијата за одложување на изборите
Вчера премиерот Спасовски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не ја исклучија можност предвремените парламентарни избори, сепак, да не се одржат во закажаниот термин.
Премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, оцени дека засега состојбата е стабилна, но дека никој не може да предвиди каков ќе биде развојот на настаните.
„Јас кога велам дека здравјето и животот на граѓаните се најважни и дека тоа е општа констатација на сите, јас не гледам кој е тој политички интерес поважен од еден човек“,
изјави Спасовски за „360 степени“.
Со сличен став вчера излезе и Мицкоски. Прашан за коментар на ставот на претседателот Стево Пендаровски дека не е крај на светот ако изборите се одложат за еден месец или два, Мицкоски рече дека се согласува дека не е крај на светот и дека треба да се направи се во насока на заштита на здравјето на граѓаните.

„Ставот од лидерската средба е јасен, дека првиот чекор што се презема е да се напушти организирање масовни собири, митинзи, иако во текот на вчерашниот ден видовме неколку такви масовни собири. Така што, остануваме на тој став дека во овој момент изборите се закажани за 12 април, сето она што треба ние како одговорни политичари и одговорни политички партии да го направиме, ќе биде анализа на состојбата и носење на заклучоци и предлози соодветно на таа анализа. Во овој момент анализата вели дека најпрвин треба да ги напуштиме масовните собирања, митинзи и итн. А, за останатите понатамошни случувања, ќе направиме дополнителни анализи и ќе излеземе со дополнителни заклучоци. Инаку – да, точно е, се согласувам со вас: не е крај на свет, се треба да се направи, се во насока на заштита на здравјето и функционалноста на системот“,
одговори Мицкоски на прес-конференцијата.