Иако Светската здравствена организација и официјално прогласи пандемија на коронавирусот, засега јапонските власти не планираат одложување на Летните олимписки игри во Токио.
„Не можеме да кажеме дека прогласувањето пандемија нема да влијае врз Олимписките игри. Но, нивното откажување е незамисливо“,
порача гувернерката на Токио, Јурико Коике.

Фото: AFP
Организаторите порачаа дека подготовките се во тек и засега нема промена на планот, но велат будно ја следат состојбата со коронавирусот.
„Организацискиот комитет е свесен за забелешките на Светската здравствена организација. Како што правевме досега, Организацискиот комитет, Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународниот параолимписки комитет внимателно ќе ја следат состојбата и ќе бараат совети од Светската здравствена организација. Во меѓувреме ќе продолжиме со организација за безбедни олимписки игри“,
велат од Организацискиот комитет.
Според нив, евентуално одложување или откажување на Олимписките игри би било „екстремно финансиски скап потег“. Засега останува планот, Олимписките игри да почнат од 24 јули.
Фото: Reuters